Активности, Проекти|

Најпофални зборови доби проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ од највозрасните граѓани на Општина Центар. Градоначалникот Горан Герасимовски пред распишување на новиот јавен повик за овој проект, посети неколкумина корисници од кои слушна дека негата во домашни услови која се спроведува преку овој проект, не само што е незаменлива, туку е и неопходна за сите пензионери во државата.

„Главните предизвици со кои се соочуваат старите лица секојдневно се: неможност да си ги извршат секојдневните активности поради старост, неподвижност и болест, влошена здравствена состојба и немање асистенција при посета на лекар, немаат помош и поддршка при снабдувањето на основните прехрамбени намирници, немање на средства за ангажирање на негувател во домашни услови. Затоа Општина Центар го зголеми времетраењето на овој проект и обезбеди дополнителна финансиска поддршка за ангажирање на негувател и друга помош за пензионерите. Нашата цел е преку оваа нега, која се одвива во домашни услови, да им ја олесниме староста на нашите највозрасни сограѓани и да им обезбедиме подобри пензионерски денови“, изјави Герасимовски.

Преку проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ Општина Центар обезбедува медицинска нега, вежби и совети од лиценцирани физиотерапевти, психолози, негуватели и социјални работници 3 пати по 2 часа во неделата во домовите на корисниците. Овие услуги во моментов ги користат 90 пензионери и за истиот Општина Центар набргу ќе распише нов јавен повик.

Comments are closed.

Close Search Window