Активности, Култура, Образование, Проекти, Совет|

Општина Центар ги одржа двете сесии на буџетските форуми за 2020-та година. На буџетските форуми жителите на Центар имаа можност да предлагаат идеи, проекти и предлози за подобрување на животот во општината.

Почнувајќи од 24-ти ноември заклучно со 2-ри декември, граѓаните можеа да одговараат на тематските анкетни прашалници поставени на општинската веб страна, но и да земат учество во буџетските форуми кои се одржаа на 3-ти, односно 4-ти декември.

Поделени на 7 теми од интерес, согласно општинските програми за работа: инфраструктура, урбанизам, животна средина, локален економски развој, образование, социјална заштита и култура, ова е седма година по ред во која се одржуваат општинските буџетски форуми. Оваа година, поради прогласената пандемија на КОВИД 19, буџетските форуми се одржуваа онлајн, односно преку платформата ZOOM.

Од анкетните прашалници Општина Центар доби 97 одговори, а како приоритетни се издвоија изведбата на нови паркови и детски игралишта, заштитата на животната средина и реконструкција на улиците.

Граѓаните на градоначалникот Саша Богдановиќ и општинските служби на буџетските форуми, им ги презентираа секојдневните проблеми со кои се соочуваат – состојбата на паркинзите во Општина Центар, оштетувања на одредени сервисни улици под општинска надлежност, наставно-воспитниот кадар во основните училишта и детските градинки и аерозагадувањето.

Одговорите од тематските анкетни прашалници и заклучоците добиени од граѓанските буџетски форуми на Општина Центар ќе се приоретизириаат, систематизираат и ќе се достават до надлежните општински сектори, а подоцна дел од нив ќе се вметнат во општинските програми за работа за наредната 2021-ва година. Оние прашања, идеи и проблеми кои жителите ги издвоија како значајни, а не се во надлежност на општината, ќе бидат доставени до надлежните институции.

Comments are closed.

Close Search Window