Активности, Образование|

Општина Центар ги направи сите неопходни подготовки за почеток на новата учебна година во услови на пандемијата на Ковид-19, следејќи ги препораките на надлежните институции.

Водејќи максимална грижа за децата со потешкотии во развојот во учењето, преземени се дополнителни мерки за приемот на децата во основните училишта и градинките.

Оваа година основните училишта ќе имаат на располагање 16 лични асистенти, кои ќе им бидат поддршка на овие ученици, особено во овој период на присуство на коронавирусот. За 5 асистенти, средствата ќе се обезбедат со донација од УНДП, а трошоците за останатите 11 ќе бидат покриени од буџетот на Општина Центар.

Покрај личните асистенти, основните училишта „Св. Кирил и Методиј“ и „Кочо Рацин“, во соработка со здружението „Отворете ги прозорците“, а со поддршка на Детската фондација „Песталоци“, ќе добијат асистивна технологија за работа со учениците со потешкотии во учењето, а обуките на кадарот за користењето на технологијата се во тек.

Општина Центар е во завршна фаза на подготовките за отпочнувањето со работа на трите сензорни соби, кои се наоѓаат во трите општински детски градинки.

За сензорните соби, кои ќе се користат за олеснување на престојот во градинките на децата со аутистички спектар, во моментов се одвиваат обуки на воспитувачкиот кадар и стручните соработници во градинките за правилно користење на сензорните соби и работа со децата.

Земајќи ја предвид моменталната состојба со пандемијата на коронавирусот, општинските воспитно-образовни институции  водат и ќе водат целосна  грижа сите деца да бидат вклучени во процесот, обезбедувајќи им безбеден и квалитетен престој во детските градинки и основните училишта.

Comments are closed.

Close Search Window