Активности, Образование, Проекти|

Денеска во Театар „Комедија“ во Скопје се одржа првиот „Детски Кански фестивал“ во рамки на заедничкиот проект на Општина Центар, Француската Амбасада и Францускиот Институт „Запознај ја Франција“ со кој во изминативе четири месеци се одбележуваа Деновите на Франкофонијата во нашата земја.

„Детски Кански фестивал 2019 – Филмска приказна“ е всушност завршна презентација по неколкумесечната работа на децата и воспитувачиите од објектот „Јасмин“, од градинката „13 Ноември“. На настанот децата приредија музичко-сценски настап со француски игри и песни, по што следуваше и проекција на краткометражниот филм за животните „Ав-ав- среќа и страв“ на македонски јазик во кој што тие самите учествуваат.

Соработката со Францускиот институт во Скопје, за овој проект, Општина Центар ја започна во февруари годинава, вклучувајќи ја градинката „13 Ноември“ во одбележување на Деновите на Франкофонија и низа активности како: запознавање на децата со детски ликови од француските сликовници и книги и ликови од анимирани француски филмови во Медијатеката на Францускиот институт, создавање на креативни франкофонски катчиња во градинката со помош на воспитувачите и во соработка со родителите и нивно збогатување со книжевен фонд од Францускиот институт. Катчиња со книги, најпрвин беа поставени во објектот „Јасмин“, а понатаму и во другите објекти на градинката. 

Целта на проектот „Запознај ја Франција“ е уште од најрана, предучилишна возраст да се развие љубопитноста и интересот на децата кон изучување странски јазици. Истовремено, проектот има за цел и да ги едуцира децата да ги почитуваат различните културите на другите земји, во конкретниот случај културата на францускиот народ и францускиот јазик, кој денес се наоѓа на трето место по застапеност на интернет, веднаш по англискиот и германскиот јазик.

На настанот во театарот „Комедија“ денеска присуствуваше Францускиот Амабасадор Кристиан Тимоние, преставници од Општина Центар и претставници на Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје.

И претходно, Општина Центар, Француската Амбасада и Францускиот институт соработувале на разни проекти од областа на култура, образование, уредување на јавни површини и многу други.

Comments are closed.

Close Search Window