Активности|

Денеска, Градоначалникот на Општина Центар, Саша Боддановиќ и Деканот на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ , Проф. Др. Огнен Марина потпишаа Меморандум за соработка помеѓу двете институции со што ја офцијализираа досегашната соработка и го образложија проектот на кој во моментот работат.


Имено, по повеќе-месечна работа, студентите од деветтиот семестар (2018/2019)на Архитектонскиот факултет, под менторство на педагошкиот тим и стручните соработници во состав: Проф. Михајло Зиноски, Игор Котларевски, Мр. Кире Секулоски и Проф.Томе Димитриевски имаа задача да изработат трудови во форма на идејни решенија за трансформирање на улицата „Мирослав Крлежа“(поранешна„ Ѓуро Ѓаковиќ“) од станбена во пешачко – колска (слепа) улица.


„Станува збор за улица која што има многу интересна историја. На почетокот на минатиот век, пред 1920 година, низ оваа улица до денешен плоштад „Македонија“ минувале трговците од соседството, кои ја носеле својата роба за продажба. Проектот има за цел да го врати сјајот на улицата и да го оживее духот на старо Скопје. И токму поради ова, им дадовме можност на студентите, идни архитекти, од модерна перспектива, да го направат тоа. Сите идејни решенија се одлични, но сепак, само едно може да биде спроведено. Преку оваа изложба ги повикуваме граѓаните да ни помогнат во изборот на најдоброто“ – изјави Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.


Новото решение предвидува, улицата „Мирослав Крлежа“ да биде пешачка, а во однос на паркирањето, на неа ќе можат да се паркираат само луѓето кои на неа живеат.


„Ја поздравувам соработката која Архитектонскиот факултет во континуитет ја има со Општина Центар и можноста да размениме различни мислења, согледувања и сценарија за развој. Целта на нашиот факултет е да образува, а тоа образование не е во полза само на студентите, туку и на граѓаните, колегите кои работат во општините и сите кои на некој начин придонесуваат во уредување на просторот, а со една заедничка цел да го направиме нашиот град уште подобар“-изјави Деканот на Архитектонскиот факултет, Проф. Др. Огнен Марина.


Веќе од денес па сé до 29 март, 12 идејни решенија ќе бидат изложени во фоајето на „Кино Култура“, каде жителите на Општина Центар и сите заинтересирани граѓани ќе можат да ги видат, а потоа и да дадат свое мислење за најдобрите проекти. Трите решенија по избор на граѓаните ќе бидат доставени до стручна комисија составена од претставници на Општина Центар и Архитектонскиот факултет во Скопје, кои ќе го одберат најдоброто идејно решение.
Своето мислење, граѓаните ќе можат да го достават по електронски пат на мејл адресите на Градоначалникот Богдановиќ, sasa.bogdanovik@centar.gov.mkи на Игор Котларовски Kotlarovski@gmail.comи/или на адресата на Општина Центар, ул: „Михаил Цоков“ бб, 1000 Скопје и адресата на Архитектонскиот факултет, бул: „Партизански Одреди“ 24, 1000 Скопје.

Comments are closed.

Close Search Window