
ОПШТИНА ЦЕНТАР-СКОПЈЕ
Врз основа на член 50 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Р.М.” бр.5/2002 и „Службен весник на РСМ“ бр. 202/24), член 4 од Правилникот за начинот, критериумите и постапката за доделување финансиски средства за проекти и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Центар-Скопје бр.08-1187/16 од 27.2.2025 година („Службен гласник на Општина Центар–Скопје“ бр.2/2025), точка 4.11 од Програмата за култура на Општина Центар – Скопје бр.08-5795/38 од 27.12.2024 година („Службен гласник на Општина Центар–Скопје“ бр.13/2024) и Програмата за измена и дополнување на Програмата за култура на Општина Центар за 2025 година („Службен гласник на Општина Центар–Скопје“ бр.13/2025 од 10.12.2025 година), Општина Центар – Скопје објавува
ЈАВЕН ПОВИК
за финансиска поддршка за реализација на проектот „Вечер под ѕвездите“
-
Предмет на Јавниот повик:
Во рамки на Програмата за култура на Општина Центар-Скопје за 2025 година, а со цел културно и забавно анимирање на жителите по повод новогодишните празници, се објавува Јавен повик за реализација на проектот „Вечер под ѕвездите“. Во рамките на проектот предвидено е да се организира предновогодишно дружење и настани со кои ќе се обележи завршувањето на годината. Програмата на настанот треба да го изрази културниот и уметничкиот потенцијал на Општината, како и да овозможи забавни содржини за сите возрасни категории.
Учесниците на Јавниот повик потребно е да понудат целодневна програма и да предложат македонски бендови, соло пејачи или групи од забавен карактер. Предложените изведувачи кои ќе бидат дадени треба да бидат реномирани во својата област и да имаат настапувано на исти или слични манифестации или да имаат изведувано соло концерти. Наедно, потребно е да предложат и програма наменета за најмладите жители на Општината што ќе вклучува ангажирање на аниматори, детски хорови и балетски студија, популарни анимирани ликови и други активности што ќе го одразат новогодишниот карактер на настанот.
Учесниците на Јавниот повик треба да предложат и водител на проектот „Вечер под ѕвездите“ со искуство во успешно реализирани манифестации од исти или слични услуги.
Датумот за одржување на настанот е 29.12.2025 година (понеделник), а предвидената локација за реализација на проектот е Боемска улица. Општина Центар-Скопје ги обезбедува услугите за озвучување и осветлување на настанот.
Овој Јавен повик се објавува на огласната табла и на веб-страницата на Општина Центар – Скопје https://www.centar.gov.mk/
-
Услови за пријавување:
2.1. Право на учество: На овој повик можат да се пријават сите регистрирани здруженија, организации и правни субјекти што делуваат во полето на културата, уметноста и маркетингот и се со седиште на територијата на Општина Центар-Скопје.
2.2. Критериуми: Врз основа на член 9 од Правилникот за начинот, критериумите и постапката за доделување финансиски средства за проекти и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Центар-Скопје, сите здруженија, организации и правни субјекти кои вршат дејност од областа на културата, уметноста и маркетингот треба да ги исполнуваат следните критериуми:
- да се регистрирани како здружение, организација или правен субјект од областа на културата, уметноста и маркетингот со седиште во Општина Центар-Скопје
- да имаат активна трансакциска сметка и активен статус на дејствување од најмалку една (1) година
- да поседуваат Статут и Решение за регистрација на здружението, организацијата или правниот субјект
- да имаат најмалку една година работно искуство во културата
3. Потребна документација за пријавување на Јавнот повик:
- пополнета пријава со краток опис и агенда за настанот
- портфолио на здружението, организацијата или правниот субјект
- биографија на лицата, односно изведувачите вклучени во проектот
- референтна листа
- финансиска конструкција за средствата потребни за реализација на проектот
- активна трансакциска сметка на субјектите што се пријавиле на Јавниот повик на која може да се префрлат добиените средства
- Решение за регистрација или тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија не постара од 6 месеци.
4. Комисија за евалуација и критериуми:
Поднесените пријави по објавениот повик ќе ги разгледува Комисија формирана од Градоначалникот од редот на администрацијата. Критериумите за избор на пријавените кандидати при доделување на средства од Буџетот на Општина Центар се оригиналност на идејата, референците и портфолиото на субјектите и прифатливост на финансиската конструкција за организација на настанот. Проектите ќе бидат бодувани согласно член 11 од Правилникот за начинот, критериумите и постапката за доделување финансиски средства за проекти и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Центар-Скопје.
5. Начин и рок на поднесување на пријавата:
Рок за поднесување на пријавите е 5 (пет) дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар-Скопје.
Пријавата со целокупната документација може да се достави преку пошта на адреса:
Општина Центар-Скопје
Сектор за јавни дејности/Одделение за култура
ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје
или во Архивата на Општина Центар-Скопје (барака 6) од 9.00 до 15.00 часот
со назнака: Јавен повик за финансиска поддршка за реализација на проектот „Вечер под ѕвездите“.
Материјалите доставени со пријавите на Јавниот повик не се враќаат. Проектите поддржани со овој Јавен повик се составен дел од Годишната програма за култура на Општина Центар – Скопје за 2025 година. Износот на финансиската поддршка на избраниот проект ќе биде одреден согласно големината и квалитетот на проектот, а во рамките на предвидените средства во Програмата за култура и Буџетот на Општината. Вкупните средства за Јавниот повик за финансиска поддршка за реализација на проектот „Вечер под ѕвездите“ изнесуваат 1.250.000,00 денари. Учесниците на Јавниот повик ќе бидат известени за резултатите по завршување на рангирањето на пријавите од Комисијата. Општина Центар – Скопје ќе склучи Договор за финансирање со субјектот чиј проект ќе биде избран на Јавниот повик.
Напомена: Пријавата за финансиска поддршка ќе биде достапна на веб-страницата на Општина Центар-Скопје (https://www.centar.gov.mk/).
Пријавите со нецелосна документација, пријавите пополнети на несоодветен образец или пријавите што ќе бидат доставени по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат.