Образование|

Сајбер булингот е „злото“ на новото време кое бара сериозен пристап од повеќе институции за да се намали и спречи, истакна денеска градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој учествуваше на настанот „Дигитализацијата и Сајбер Безбедноста: Сегашноста и иднината на учениците”, организиран од Аналитика Тинк Тенк.

„Во оваа ера на технолошки развој, кога младите уште од рана возраст имаат пристап до компјутери и мобилни телефони, не само булингот како врсничко „физичко“ насилство, туку и сајбер булингот е проблем што никако не смее да се занемари, ниту било како заобиколи. Напротив, тој носи последици кои децата, а често и родителите и целото семејство може да ги носат со години, па и цел живот. И ова е она кое ние како општество, не смееме да го дозволиме. Борбата со булингот мора да биде заедничка и единствено како таква ќе се намали и спречи“, рече Герасимовски.

Тој потенцираше и дека Општина Центар многу сериозно работи за подигнување на свеста за булингот и заштитата од истиот преку бројни обуки, предавања и работилници, со цел учениците, наставниците и стручните служби да го препознаат и соодветно делуваат во негово спречување.

„Во сите осум наши училишта, особено изминатата година, имавме навистина многу работилници, обуки и предавања од психолози, педагози, претставници од Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и неколку невладини организации. На овие работилници и предавања учествуваа учениците од трето до деветто одделение, но обуки за препознавање и спречување на булинг поминаа и директорите, стручните соработници и наставниците од сите училишта во општината. Нашата цел како општина е на овие работилници учениците да ги препознаат видовите насилство, последиците од булингот, начините на изразување задоволство без навреда како и промовирање на другарството и негувањето на позитивните вредности како: љубеност, почитување и ненасилна комуникација“, рече Герасимовски.

Тамара Мијовиќ Спасова, извршниот директор на Аналитика Тинк Тенк, појасни дека проект за последиците од сајбер булингот е посебен по многу нешта, пред се поради фактот што преку него директно се обучуваат учениците и професорите со техники и вештини за безбедно користење на интернетот и другите дигитални технологии.

„Повеќе од 50 ученици и 15 професори се обучија за спроведување на иновативни програми во училиштата фокусирани на сајбер безбедноста на младите. Ваквиот пристап на директна комуникација и едукација на сите чинители во образовниот процес се покажа како многу ефективен. Затоа за училиштата поддршката од градоначалниците и нивните иницијативи кои се насочени кон борбата против сајбер насилството е клучна за заштита на нашата младина. Ако сакаме да постигнеме вистински напредок во овам, од суштинско значење се континуираните работилници и обуки за препознавање и заштита од сајбер нападите“ изјави Спасова.

Општина Центар во насока на превенција и подигнување на свеста и последиците од булингот во изминатиот период покрај активностите во училиштата организираше „Соседски патроли“ на кои родители, наставници и претставници од МВР правеа обиколка во градскиот парк, каде со младите се зборуваше за последиците од булингот. Воедно, Општина Центар при пријава од родители за насилно однесување во делови од општината, веднаш реагираше и во соработка со Полициската станица Беко, беа засилени полициските патроли во општината.

Comments are closed.

Close Search Window