Активности, Проекти|

Денес, во рамките на настанот „Партнерство за поефикасни општини“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и УСАИД потпишаа Меморандум за соработка преку кој се обврзаа за подобрување на квалитетот на даночните системи, зајакнување на оперативниот капацитет на даночната администрација и подобрување на способностите на локалните власти за планирање, управување и реализација на средствата од буџетот.

„Општина Центар, како централна и урбана општина во нашата држава посебен акцент става на унапредувањето на политиките преку јакнење на капацитетите. Токму затоа од особено значење ни се соработката и поддршката од меѓународните организации и институции. Од потпишувањето на овој Меморандум очекувам исклучителни придобивки во делот на подобрувањето на нашиот капацитет за управување со јавните финансии и поголем пристап до домашните и меѓународните ресурси“, изјави Герасимовски.

Настанот опфати и презентација на искуства од првата група партнер-општини. Свои обраќања имaa и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и министерот за финансии Фатмир Бесими, кои меѓу другото се заблагодарија и за поддршката од Владата на САД во евроатлантските процеси и напорите на земјата за намалување на корупцијата и јакнење на ефективноста и транспарентноста на властите

Општина Центар е дел од третата група партнер-општини и во наредните 18 месеци ќе биде вклучена во Програмата за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите. Проектот на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите е петгодишен проект (2021-2026) што им помага на владините институции во Северна Македонија да ги обезбедат и самостојно да управуваат со ресурсите потребни за финансирање на услугите што ги бараат нејзините граѓани. За да ја постигне оваа цел, Проектот тесно соработува со Министерството за финансии и Министерството за локална самоуправа и има буџет од 6,5 милиони американски долари.

Comments are closed.

Close Search Window