Активности|

Сообраќаен режим во една насока на улицата „Црвена Вода“ во Дебар Маало или таа да се затвори за сообраќај, побараа граѓаните од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. По повод реконструкцијата на улицата, градоначалникот Герасимовски ги покани жителите на средба со цел да го презентира проектот, но и да ги ислуша потребите на граѓаните за улицата пред нејзиното инфраструктурно и финално реализирање. Граѓаните на средбата исто така побараа да се реши проблемот со паркирањето на автомобилите, како и да се спроведе подземна инфраструктура за каблите од кабловските оператори.

„Вечерва слушавме конструктивни забелешки за улицата ‘Црвена Вода’, која наскоро ќе се реконструира. Сите овие предлози кои дојдоа од граѓаните ќе бидат разгледани и по насока на стручните служби, секако доколку постои можност и реализирани. Целта на овие средби е токму тоа, да ги слушнеме граѓаните и да ги промениме и прошириме проектите според нивните потреби“, изјави Герасимовски.

Градоначалникот Герасимовски покрај редовните средби со граѓаните, најави дека ќе иницира средби и пред секоја реконструкција на улица во општината. Според него директниот контакт со жителите носи подобри идеи, но и решенија. На овие средби покрај градоначалникот, секогаш присуствуваат и претставници од општинските служби, кои ги забележуваат сугестиите, разгледуваат и ги вметнуваат во проектите.

Comments are closed.

Close Search Window