Активности, Проекти|

Општина Центар ја продолжува соработката со организацијата за поддршка и помош на социјално обесправени и сиромашни граѓани „Храна за сите – Банка за храна МК“. Градоначалникот Горан Герасимовски и претседателот на организацијата, Душко Христов потпишаа Меморандум за соработка кој е во рамки на реализација на проекти во сферата на социјалната помош и поддршка, обезбедување храна и хигиенски и материјални средства на лицата и фамилиите во социјален ризик на територија на Општина Центар.

Во рамки на овој Меморандум за соработка, организацијата „Банка за храна“ ќе обезбедува донации во храна и прехранбени производи од страна на бизнис заедницата за задоволување на потребите на корисниците, додека Општина Центар ќе достави прочистени списоци на корисници на помошта, ќе обезбеди простор за времено складирање и припрема на храната, возило и покривање на трошоците за гориво за дистрибуција на прехранбени пакети за оние фамилии кои не се во можност да пристапат на местата за поделба.

Претходно, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски оствари средби со општествено одговорни компании кои изразија подготвеност за соработка во овој проект со што договорена е соработка со маркетите Веро, Кам, Тинекс, Рамстор, Зур и Жито Маркети.

Општина Центар ги повикува и другите компании да се приклучат на овој хуман проект преку кој ќе им помогне на семејствата од социјален ризик.

Во рамки на оваа соработка меѓу Општина Центар и организацијата „Банка за храна“ која се продолжува на годишно ниво, секој месец им помага на околу 150 социјални случаи, две згрижувачки семејства, 2 мали групни домови за деца со посебни потреби и околу 150 пензионери. Во тесна соработка со „Банката на храна“, Општина Центар ќе продолжи да дели пакети на социјално загрозени семејства со една цел, ако не можеме да го спречиме гладот барем ќе се обидеме да го намалиме.

Comments are closed.

Close Search Window