Активности|

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вчера оствари средба со сите хигиеничари односно ангажирани сезонски работници во Општина Центар, задолжени за одржување на јавната хигиена во општината. На средбата стана збор за потребата од поголема јавна хигиена со почести миења на улиците и собирање смет. Герасимовски исто така ги запозна хигиеничарите за новата дејност која ќе ја добие ЈП ПОЦ и каде истите ќе бидат префрлени со отворањето на новиот комунален сектор на претпријатието. Притоа тој истакна дека при префрлањето вработените ќе добијат правно регулиран работен однос, бидејќи досега беа без регулиран работен стаж.

„Еден од клучните три проблеми во општината кои ги лоциравме на многуте средби со граѓаните е јавната хигиена, затоа и сакам да ве информирам дека во ЈП ПОЦ ќе биде формиран нов сектор за јавна хигиена, каде сите вие ќе бидете префрлени и пријавени, што досега не беше случај. Јавната хигиена е слика на општината и сакам нашата да биде високо позитивна. За таа цел, ќе набавиме и нова цистерна за метење на улиците, како зајакнување на постоечката механизација за одржување на хигиената во општината. Од вас очекувам посветена работа и искрена соработка, особено во овој период кога треба и поголема ангажираност околу собирањето лисја од улиците и парковите“, изјави Герасимовски.

Тој неодамна оствари и средба со директорот на ЈП ПОЦ, Васко Кичевски, со кого ги договорија првите постапки за формирњето на новиот комунален сектор на ЈП ПОЦ.

Општина Центар е првата општина која ќе има свое комунално претпријатие во рамки на ПОЦ кое покрај паркирањето ќе се грижи и за јавната хигиена.

„Чистите улици ја поттикнуваат еколошката свест кај граѓаните особено кај најмладите кај кои се развиваат правилни навики за одржување на чиста околина. Затоа сите да придонесеме Општина Центар да биде европска општина и пример кој ќе го следат сите останати општини во државата“, рече Герасимовски.

Comments are closed.

Close Search Window