Активности, Образование|

Горан Герасимовски градоначалникот на општина Центар денеска присуствуваше на патрониот празник на едно од најстарите основни училишта во општина Центар, ООУ „Димитар Миладинов“. По повод 67 години од постоењето во училиштето беше организирана свеченост со доделување награди за литературни творби, музички изведби и приредби од страна на учениците.

„Чест и задоволство ми е што денеска сум тука, во ООУ „Димитар Миладинов“, кое го носи името на еден од најзначајните македонски литературни творци. Низ ходниците на ова основно училиште поминале многу генерации на ученици, кои подоцна, со своите дела оставиле белег во општеството, како во Општина Центар, така и во Скопје и во цела држава. Општина Центар во изминатиот период силно вложуваше во подобрување на условите за образование во ова училиште, а во следниот период со засилено темпо ќе продолжи со поддршката за сите основни училишта во општината. Учениците се нашата иднина и токму затоа е многу важно да обезбедиме подобри услови за квалитетно образование. За крај ви посакувам среќна 67-годишнина, многу насмевки, среќа и успеси во работата и учењето“ изјави Герасимовски.

Директорката на училиштето Марија Варсамис Симоновска по повод патрониот празник изјави дека училиштето години наназад ги следи и применува современите стандарди за стекнување на квалитетно образование но и ги промовира хуманите односи и почитувањето на различностите.

“Нашето училиште со многу  работа, ентузијазам и љубов ги следи и применува новите современи стандарди преку кои се презентира успешната реализација на воспитно образованиот процес. Нашата мисија е со меѓусебна доверба и соработка на учениците, наставниците, родителите и со поддршката на Општина Центар да изградиме најсовремено училиште на 21 век. Нашата визија е да развиваме толеранција, градејќи мостови на пријателства и соживот“, изјави  Марија Варсамис Симоновска.

Во ова училиште општина Центар во соработка со Република Бугарија во изминатиот период ја реконструираше и замени старата фасада, со нова, енергетски ефикасна која ја краси прекрасен мурал, дело на македонските стрит-арт уметници, Миро Грчев и Младен Трендевски. За првпат по 65 години беа заменети старите врати и прозорци, беше реконструирана поткровната конструкција и поставено е ново енергетски ефикасно лед осветлување.

ИСТОРИЈАТ: Училиштето е основано во 1954-та година кога првично го носи името на народниот херој од НОБ – Иво Лола Рибар. Наставата се одвивала во старата зграда на гимназијата Цветан Димов, позната како машка гимназија која броела 639 ученика. Во денешната зграда училиштето работи од 1960 година, а од 1961 година по предлог на д-р Иван Рибар, таткото на Иво и Јурица, го носи името Браќа Рибар. Во 1970/71 година експериментално е воведена целодневна настава во едно прво одделение, а во 1974/75 целодневната настава е воведена од 1 до 4 одделение, со што училиштето се вбројува меѓу првите училишта во Македонија со овој вид на организација на воспитно-образовната работа. Новото име Димитар Миладинов училиштето го добива во март 1994 година.

Comments are closed.

Close Search Window