Активности|

Градоначалникот Саша Богдановиќ го најави капиталниот проект на Општина Центар за улицата „Мирослав Крлежа“, чија реконструкција ќе започне за 45 дена, по завршувањето на постапката за јавна набавка.

„Полека, но сигурно станува реалност долго најавуваниот проект за целосна реконструкција на ‘Мирослав Крлежа’ и пренамена на улицата во пешачка и резидентна зона. Најголем приоритет се жителите заради воведувањето резидентен паркинг, а сите граѓани ќе добијат нова и модерна пешачка зона за рекреација, со нова урбана опрема и со ново јавно зеленило. Преку реализацијата на нашите инфраструктурни проекти полека ја заокружуваме целината што ја најавувавме изминативе четири години, а тоа е Дебар Маало да биде резидентно маало и конечно да ги вратиме мирот и безбедноста на граѓаните што живеат во овој реон“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

Проектот се спроведува по барање на жителите што живеат во овој дел на Центар, а за него Општината ќе одвои 68 милиони денари од општинскиот буџет. Реконструкцијата ќе се изведе на површина од 6.000 квадратни метри, ќе се постават нови гранитни и травертин плочи, изработени од природни материјали. Исто така, ќе бидат поставени ново ЛЕД-осветлување, нова урбана опрема и јавно зеленило на површина од 693 м2 и дополнително ниско-средно зеленило со нови 100 садници.

За реализација на проектот, Општина Центар објави Јавен конкурс во соработка со Архитектонскиот факултет во Скопје, каде што од најдобрите три решенија изработени од студентите се формираше едно идејно решение за основниот проект за реконструкција на улицата „Мирослав Крлежа“, во согласност со барањата и потребите  на жителите во Дебар Маало.

Во прилог Ви испраќаме линк од официјалната видеоизјава на градоначалникот Саша Богдановиќ.

Comments are closed.

Close Search Window