Пресс|

Почитувани,

Во однос на ставот на Комисијата за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ, сакам да ѝ појаснам на јавноста и граѓаните дека помеѓу нив и нас навистина постои разлика.
Разликата е во тоа што додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт во Општина Центар, покрај другите непродуктивни и помалку комични трошења на народните пари, за улицата подобрување на состојбата со „Орце Николов“ вложија пари во пет канти боја и бележеа места за наплата на паркинг, не мислејќи ни на граѓаните, ни на пешаците, ни на велосипедистите, ниту пак на нашите жители со физички попречености.
Разликата е во тоа што Центар и Скопје, со средства од општинскиот буџет, на површина од 7.182 метри квадратни ќе добијат современа и квалитетна улица, со велосипедски и пешачки патеки од двете страни, зеленило и нова урбана опрема.
Разликата е во тоа што ова општинско раководство наместо споменици, гипс картон и фонтани, парите на граѓаните ги вложува во сервисирање и реконструкција на уличната мрежа, со веќе 23 реконструирани улици и 14 други кои ќе бидат готови до крајот на летото.

Вложуваме во воспитно-образовниот процес, со редовна реконструкција на детските градинки и основни училишта, вклучително и изградбата на новото модерно основно училиште „Киро Глигоров“ во Капиштец.
Вложуваме и во културата, вложуваме во спортот, во човечкиот капитал, вложуваме во создавање на подобри услови за живот и престој во Општина Центар.
За крај, ги повикувам и членовите на Комисијата за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ, наместо ширење лаги, дезинформации и собирање дневно-политички поени, енергијата да ја насочат кон создавање на продуктивни работи за подобрување на животот на сите граѓани во Центар!

Со почит,

Саша Богдановиќ
Градоначалник на Општина Центар – Скопје

Comments are closed.

Close Search Window