Активности|

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и министерката за образование и наука, Мила Царовска, го посетија ООУ „11 Октомври“ и направија увид во реконструираното второ крило на тоалетите во општинското основно училиште.

„Општинското основно училиште ‘11 Октомври’ е целосно реконструирано во однос на просторно-хигиенските услови, кои отсега ќе бидат подобри и побезбедни за учениците, а се изведени според најсовремени стандарди за квалитет. Минатата година ја започнавме првата фаза на реконструкцијата на машките и на женските тоалети во рамките на спортската училишна сала, а оваа година ја завршивме целосната реконструкција на сите тоалети во основното училиште. Како локална самоуправа продолжуваме со нашите заложби за модернизација на основните училишта и детските градинки во Центар и со капиталната инвестиција за изградба на нова детска градинка во населбата Пролет“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

Со градежните активности беше спроведено новото идејно решение, новите содржини за подобра функционалност на тоалетите, како и нов распоред на просториите за потребите на учениците, за наставниците, за хигиеничарите и за лицата со посебни потреби. Целосно е направена реконструкција на санитарните јазли во машките и во женските тоалети, реконструирани се водоводната мрежа и фекалната канализација, поставени се нови антибактериски и антиалергенсни ХПЛ плочки и нови хигиенско-санитарни елементи.

„Ние како Влада на Република Северна Македонија сметаме дека на три нивоа треба во континуитет да инвестираме во образованието за да постигнеме стандард и квалитет во истото. Првиот дел е инвестирање во наставниот кадар и нивна обука, вториот дел е инвестирање во програми и дидактички материјали и третата работа која е многу значајна е инвестиција во инфраструктурата. За да постигнеме подобри резултати, обединети сите треба да вложуваме во континуитет и да се грижиме дебатата во јавноста да се сведува на тоа дали имаме квалитетно образование и чекор по чекор да се поместуваме кон подобри стандарди за квалитетно образование“ изјави министерката Мила Царовска

Проектот е финансиран од општинскиот буџет за 2020 година во износ 7.846.231,00 денари. Во согласност со Развојната програма на Општина Центар за периодот од 2021 до 2023 година, планирани се проекти за реконструкција на основните училишта и за подобрување на нивната енергетска ефикасност. Во наредниот период ќе започне реализацијата на проектите за доградба на училниците во ООУ „Коле Неделковски“, партерно уредување на дворот во ООУ „Кочо Рацин“ и изградба на ново детско и спортско игралиште во ООУ „11 Октомври“.

Comments are closed.

Close Search Window