Активности|

Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и насоките од Министерството за образование и наука, Општина Центар во соработка и по иницијатива на воспитно-образованиот кадар од  ООУ „Коле Неделковски“ креираа протокол за безбеден прием на првачиња во учебната 2020/2021 година. Овие мерки се преземаат како дополнителна заштита од новонастаната ситуација со коронавирусот, а протоколот  ќе се применува и почитува во сите основни училишта во Центар.

Во текот на месец мај, сите основни училишта во Општина Центар формираа електронски систем за аплицирање и упис на првачињата, додека од  први јуни официјално ќе се отворат училишните порти за учениците кои ќе бидат тестирани за упис во прво одделение.

Пред влезот на училиштето, со специјална пумпа ќе се дезинфицираат чевлите,како мерка за заштита и зголемена безбедност при слободно движење во училиштето, потоа, со дигитален бесконтактен топломер, на брз и ефикасен начин ќе им биде измерена телесна температура на децата и родителите од страна на стручниот тим во училиштето. Секој ќе добие хигиенски „каљачи“ за еднократна употреба и ќе биде извршена хигиенска дезинфекција на рацете, а родителите дополнително ќе користат заштитни маски и стерилни ракавици.

 „Со оглед на условите во кои се наоѓаме во време пандемијата, јас и мојот тим од ООУ „Коле Неделоковски“ креиравме протокол за безбеден прием на првачиња за учебната 2020/2021 година, согласно препораките од Комисијата за заразни болести и насоките од МОН. Во рамки на овој протокол се почитуваа сите безбедносни мерки и затоа би сакала да ги охрабрам сите родители со оглед на тоа дека првиот уписен ден започнува на први јуни, слободно да дојдат затоа што навистина сме подговтвени и со нетрпение ги очекуваме првачињата во нашето училиште. Се надевам дека овој протокол кој што го смисливме дека ќе го почитуваат и другите училишта, не само во Општина Центар, туку и на ниво на цела држава. Истиот протокол е поддржан од Општина Центар“ –  изјави директорката Светлана Масларевска.

Учениците ќе се тестираат во неколку простории со еден тестатор, почитувајќи ги препораките за одржување дистанца на растојание од 2 метри. Преку дидактички материјали за бесконтактно тестирање и сопствени боички, првачињата ќе се подготвуваат за почетокот на новата учебна година, а родителите ќе бидат ангажирани во пополнување на потребните материјали за упис.

Во учебната 2020/2021 година, очекуваме да бидат запишани 550 првачиња во осумте основните училишта на територијата на Општина Центар. Ја поздравувам иницијативата на креативниот тим од ООУ „Коле Нелковски“  за спроведување на овој протокол за безбеден прием на нашите првачиња. Би сакал да ги информирам родителите дека ние како општина, во соработка со училиштата во Центар, подготвени сме во однос на безбедноста за нивните деца и дека со нетрпение ги очекуваме учениците да им посакаме добредојде и да им го честитаме уписот во прво одделение“ – изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

Comments are closed.

Close Search Window