Активности, Култура, Образование|

Денес во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“, се одржа едукативната презентација „Читањето е супер моќ“, во рамките на кампањата за поттикнување читачки навики кај децата, а ја поддржаа Филозофскиот факултет при УКИМ и Здружението за дислексија „Ајнштајн“. На настанот беа понудени конкретни стратегии, алатки и методи за поттикнување на читањето во насока на поддршка на наставната програма.

На едукативната презентација учествуваа директори, библиотекари, наставници и вработени од Одделението за образование при Општина Центар, со цел вклучување на наставниот кадар од осумте основните училишта во мисијата за поттикнување и развивање на когнитивните способности кај учениците.

Иницијативата за развој на читачката култура кај децата ја поздрави и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој потенцираше дека интернетот и видеоигрите се премногу застапени во секојдневјето на децата.

„Соработката помеѓу родителите, наставниците и книжевната фела треба да помогне за да се поттикне интересот за читање книги. Преку пренесување на љубовта кон пишаниот збор се создаваат нови генерации млади читатели. Целта на кампањата, освен подигнување на јавната свест за читање, е и да го негуваме македонскиот литературен јазик и правилното изразување“, изјави градоначалникот Герасимовски.

Герасимовски се потсети дека неговата љубов кон читањето почнала од стриповите. Токму преку нив младите личности се идентификуваат со позитивните ликови, а тоа е значајно во формирањето на моралните и културните вредности што се дополнуваат со домашното воситување. Стекнатите навики за читање ќе им овозможат на учениците да го надградуваат своето општо знаење.

Comments are closed.

Close Search Window