Герасимовски: Запознајте го срцето на Скопје со стручен водич, јавен повик за организирање тематски прошетки низ Центар
Општина Центар објави јавен повик за реализација на проектот „Тематски организирани прошетки со граѓаните за поблиско запознавање со културните обележја на Општина Центар“, во рамки на Програмата за култура за 2026 година.
Градоначалникот Горан Герасимовски посочи дека целта на проектот е граѓаните да ја запознаат архитектурата, историјата и културното наследство во срцето на градот.
„Центар има богата историја и многу културни обележја. Со овие прошетки сакаме граѓаните да ги запознаеме со автентичните приказни што стојат зад секое култно место во нашата општина, а ги има навистина многу“, порача Герасимовски.
Проектот предвидува организирање тематски обиколки со стручно лице низ старите центарски населби. Учесниците на јавниот повик треба да предложат програма со најмалку три организирани посети, со ангажман на водич, историчар на уметноста или кустос.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавувањето на повикот на општинската веб-страница.
Пријавите со целокупната документација може да се достават по пошта или лично во Архивата на Општина Центар .