Активности|

Со мала, пригодна церемонија и со почитување на сите мерки за претпазливост од надлежните институции, денес градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја додели годишната награда на општината, „Феникс“.

Поделена во две категории, кандидати поединци и група творци и кандидати ученици и студенти, Општина Центар и Советот ја доделуваат оваа награда за особени постигнувања во областите на стопанството,уметноста, воспитувањето и образованието, спортот и во други области на творештвото од значење за развојот на општината и нејзина афирмација во државата и надвор од неа.

„Навистина ми е чест што покрај сите обврски, имаме прилика да се гледаме и за вакви убави работи. Особено значајно е тоа што се работи за наши претежно млади сограѓани, жители на Општина Центар, кои заслужено го добиваат ова признание. На добитниците им посакувам уште многу вакви награди, домашни и меѓународни успеси и се надевам дека оваа награда е само уште еден мотив плус во нивните понатамошни животи“, изјави градоначалникот Герасимовски, по доделувањето на наградите.

Во категоријата „Поединци и група творци“, добитници се Проф. Д-р Соња Здравкова Џепароска, за постигнувања во воспитанието и образованието и Лука Вајевиќ, Сара Кнежевиќ и Виктор Јакимов, за постигнувања во образованието.

Во категоријата „Ученици и студенти“, наградата ја добија Марко Наумовски, за постигнувања во биологијата; Ева Малинковска, за постигнувања во музикта; Дени Жерновска, за постигнувања во културата; Каја Костовски, за постигнувања во литературата и Деа Деспотовска, за постигнувања во танцот.

Добитниците на наградата во категоријата „Поединци и група творци“ од градоначалникот Герасимовски добија дипломи и паричен износ од 30.000 денари, кој Лука, Сара и Виктор ќе го поделат на три еднакви дела, а наградените во категоријата „Ученици и студенти“ исто така добија дипломи и парични награди во висина од по 20.000 денари.

Comments are closed.

Close Search Window