Активности, Совет|

Советниците на Општина Центар на вчерашното продолжение на 2-рата седница на Советот, го изгласаа Планот за програми за развој на општината за периодот од 2022-2024 година, со 12 гласа за, 8 воздржани и 3 против.

Со донесениот план за програми за развој се планира развитокот на општината и создавањето на подобри и похумани услови за живот во Центар за сите граѓани.

Планот за програми за развој на Општина Центар за периодот 2022-2024 предвидува реконструкција и подобрување на енергетската ефикасност на основните училишта и детските градинки, реконструкција на постоечка и изградба на нова инфраструктура, реконструкција и модернизација на јавното осветлување, изградба на монтажен паркинг во функција на објекти и модернизација на ИТ-системите во општината.

Меѓу поважните проекти за претстојните две години се наоѓа и изградбата на градинката во населба „Пролет“, прва од ваков тип, за која јавноста беше информирана на прес конференција, од страна на претходниот градоначалник на општината, Саша Богдановиќ, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. Градинката ќе има вкупна површина од 3230 метри квадратни и ќе чини 152.520.000 денари (без ДДВ), односно 47.000 денари по метар квадратен. Истата ќе биде изработена со современи и квалитетни материјали, со анти-бактериски подови, ќе има прозорци со нано филтри и енергетски-ефикасна структурална фасада. Греењето во градинката ќе биде еколошко, односно дел на централно греење (градско парно), а дел на топлински пумпи.

Друга активност е изведбата на монтажниот паркинг во Капиштец, кој таму ќе се изгради на барање на жителите. Испланирани се 294 паркинг места и целта е тој монтажен паркинг значително да придонесе кон решавање на проблемот со паркирањето во овој дел од општината, ќе ги тргне возилата од улиците и ќе го олесни сообраќајот.

За системот на паметно паркирање, кој е револуционерен и за прв пат ќе биде изведен, веќе се изготвени анализата за техничките барања и финалното техничко решение за имплементација на истиот. Се работи за современ систем за мониторинг кој ќе функционира по цела должина на улицата „Орце Николов“. Системот ќе обезбеди постојано следење на паркинг местата на „Орце Николов“, мониторинг на местата во зоните за посебни намени и ќе врши мониторирање на сообраќајот на улицата. Системот за паметно паркирање предвидува апликативно решение, надградба и интеграција на постоечкото решение и поставување на хардверска инфраструктура, периферни уреди, комутатори и целокупна останата мрежна опрема. Поставувањето ќе се одвива во две фази, односно фаза 1 од ул. „Св. Климент Охридски“ до ул. „Мирослав Крлежа“ и од ул. „Мирослав Крлежа“ до ул. „Рузвелтова“.

Што се однесува на реконструкцијата на улицата „Ленинова“ (делот од бул. „Партизански Одреди“ до ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“), станува збор за реконструктивен зафат на дел од улицата, кој се изведува на барање на жителите и вкупната површина која ќе биде опфатена со реконструкцијата изнесува 6720 метри квадратни, односно 6320 денари по метар квадратен.

Покрај овие активности, предвидени се и реконструкции на основни училишта и детски градинки, набавка на специјални возила за одржување на хигиената на улиците и јавните површини на територија на Општина Центар, како и изведба и одржување на современиот ЛЕД систем на улично осветлување.

Comments are closed.

Close Search Window