Uncategorized|

Од денеска, во рамките на втората фаза од едукативниот проект „Паркирај совесно“, учениците од трета година средно образование, кои во изминатите два месеци беа вклучени во интерактивните предавања за сообраќајна култура, ќе патролираат на паркиралиштата во Скопје и практично ќе го покажат своето знаење.

Имено, учениците ќе имаат задача да ги идентификуваат прописно и непрописно паркираните автомобили, и соодветно на тоа, да постават зелен односно црвен картон на возилата. Активностите на терен средношколците ќе ги реализираат заедно со контролорите на ПОЦ и сообраќајната полиција кои воедно ќе ги казнуваат сопствениците на непрописно паркираните возила согласно редовната постапка.

„Во наредните неколку недели учениците од трета година од средните училишта во Скопје, групирани во помали групи ќе излегуваат на терен заедно со нашите контролори, контролорите на ЈП Градски Паркинг и сообраќајните полицајци и ќе им даваат црвен картон на сите непрописно паркирани автомобили на паркиралиштата, а прописно паркираните возила ќе добијат зелен картон. Средношколците на терен ќе одат со „Segway“ со цел да ја подигнеме јавната свест за користење на алтернативен начин на градски превоз, кој го решава сериозниот проблем со паркирањето во Скопје, како и проблемот со загадувањето и нехуманите услови за живот“, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски, на денешната прес конференција во средното училиште „Орце Николов“.

Дополнително, во втората фаза, а со цел да се поттикне поактивно вклучување на средношколците во проектот, учениците ќе имаат задача да направат интересни фотографии или видеа од непрописно и прописно паркирани автомобили и да ги објават на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм на профилот на „Паркирај совесно’’.

Најдобрите 10 фотографии кои ќе имаат најмногу лајкови, коментари и споделувања ќе добијат награда – летување во најголемиот спортско едукативен камп Скоурас во Грција, кој ќе се реализира од 21 до 28 јуни 2019 година, во организација на компанијата Коузон Корпорација, поддржана од „Курир-брза пошта“.

По завршување на теренските активности, во последната недела од месец мај,  учениците ќе бидат тестирани за стекнатото знаење од едукативните предавања реализирани во првата фаза од проектот, а 10 ученици со најдобри оценки на тестирањето ќе ја добијат главната награда и ќе станат лидери на групи односно ментори на групи во летниот камп. Овие деца ќе посетуваат обуки за менторство и ќе добијат надоместок за успешно завршената задача.

За проектот:

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со ЈП Градски Паркинг, Министерство за внатрешни работи на РМ, Град Скопје и Општина Центар во јануари годинава го започна едукативниот проект „Паркирај совесно“ кој има за цел да ги едуцира учениците од трета година од средните училишта во Скопје, како најмлади идни активни учесници во сообраќајот, за правилно и прописно паркирање; да ја развие нивната сообраќајна култура и свест за безбедно однесување во сообраќајот; како и да им помогне да стекнат основни предзнаења за сообраќајот и прописното паркирање. Во изминатите два месеци успешно беше реализирана првата фаза од проектот, се одржаа 152 интерактивни предавања во 23 средни училишта и сообраќајната култура беше приближена до 4492 средношколци во Скопје.

Comments are closed.

Close Search Window