На предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, Советот на Општина Центар на денешната 50. Седница, донесе едногласна одлука за доделување финансиска помош во износ од 1.000.000 денари за рехабилитација на повредените и поддршка на семејствата кои ги загубија своите најблиски во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Кога е најтешко, да си подадеме рака, да се поддржиме, да покажеме дека хуманоста и солидарноста се најголемата сила што ја имаме. Нашите мисли се со семејствата кои тагуваат и со сите повредени кои се во процес на опоравување. Им посакувам да останат храбри и да не се предаваат, нека знаат дека не се сами”, рече градоначалникот Герасимовски.
Советниците ја прифатија иницијативата на Герасимовски, испраќајќи силна порака на сочувство и поддршка за сите погодени од големата трагедија, во која згаснаа 62 млади животи, а 200 беа повредени.
„Оваа помош не е само финансиска, таа е симбол на блискост, емпатија и искрена грижа. Кочани ја има нашата поддршка од мене лично, од Општина Центар, од Советот и од сите центарци. Во овие мигови мораме да покажеме дека сме сплотени еден народ, едно срце”, додаде Герасимовски.