Герасимовски: „Центарски улици 4“ со буџет од 1 милион денари. четирикратно зголемени вложувањата  во културата во Општина Центар

Активности
1
15.04.2026

Герасимовски: „Центарски улици 4“ со буџет од 1 милион денари. четирикратно зголемени вложувањата  во културата во Општина Центар


Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во гостувањето во утринската програма на Македонската телевизија ги покани сите граѓани да се приклучат на најголемиот хепенинг „Центарски улици 4“, што ќе се одржи на улица „Македонија“.

„Овој настан Општина Центар го организира четврта година по ред. Почнавме со многу мал буџет од 30 илјади денари, а денес издвојуваме 1 милион денари токму за овој настан. Во изминатите четири години тројно го зголемивме буџетот за култура, од 4 милиони денари во 2021 година на сегашните 25 милиони денари, што значи повеќе културни содржини во интерес на центарци“, рече Герасимовски.

Тој посочи дека настанот започнува во 12 часот и ќе трае до вечерните часови, со богата и разновидна програма.

„Над 30 уметници ќе настапат, од диџеј сетови и ликовна колонија, до улични шоуа и живи статуи, а вечерта ќе биде заокружена со настапи на Дина Јашари и Тони Зен со бенд. Ги повикувам сите центарци, скопјани и посетители на Скопје да прошетаат низ улица „Македонија“ и да уживаат во програмата“, истакна Герасимовски.

Тој додаде дека ваквите настани се значајни за поддршка и афирмација на младите, пред сè македонски уметници.


Манифестацијата „Центарски улици 4“ е дел од серијата културни настани со кои Општина Центар го одбележува 50 годишниот јубилеј.

Submitted by miai on 15.04.2026 - 11:25