Јавен повик, Комунални дејности|

Врз основа на Програмата за комунални дејности на Општина Центар-Скопје за 2025 година, потпрограма ГДО – Субвенции за замена на покриви и поправка на лифтови, под бр. 08-5795/30 од 27.12.2024 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр. 13/24), донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, Општина Центар-Скопје објавува

 

ЈАВЕН ПОВИК

за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни кровни конструкции и постојни лифтови во станбени згради на подрачјето на Општина Центар-Скопје

 

 

  1. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

1.1. Предмет на Јавниот повик е пријавување на заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од управител на станбени згради или од заедница на сопственици од подрачјето на Општина Центар-Скопје за поправка, санација и реконструкција на постојни кровни конструкции, постојни лифтови на станбени згради.

1.2. Јавниот повик се однесува на: финансиска поддршка за поправка на лифт за кој со технички преглед, извршен од овластено акредитирано независно правно лице, е утврдено дека е технички неисправен и/или за модернизација на лифтови и нивно усогласување со безбедносните барања и подобрување на безбедноста на постојните лифтови во согласност со Законот за техничка инспекција и Правилникот за користење лифтови и транспортери. Финансиската поддршка за поправка, санација и реконструкција на постојни кровни конструкции е насочена кон замена на постојните азбестни салонитни покривки, постоечките кровни покривачи и рамни кровови со еколошки на колективни станбени објекти под услови што се наведени во Јавниот повик.

1.3. Проектот се поддржува со финансиски средства од Буџетот на Општина Центар-Скопје, Програма ГДО, во висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000,00 денари, за поправка, санација и реконструкција на постојни кровни конструкции и висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 300.000,00 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација, поднесена од заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од управител на станбени згради или од заедница на сопственици. Сопствениците на посебни делови треба да ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 70 % од вкупниот износ од вредноста за реконструкција на постојни кровни конструкции и поправка и санација на лифтови.

1.4. Јавниот повик се реализира, односно селекцијата се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“.

 

  1. ПРАВО НА УЧЕСТВО ВО ЈАВНИОТ ПОВИК

Право на учество во Јавниот повик имаат заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради од подрачјето на Општина Центар-Скопје што ги исполнуваат следниве услови:

  • Доколку станува збор за поправка, санација и реконструкција на постојни кровни конструкции, тие треба да бидат оштетени, а во однос на поправката и санацијата на лифтови, постојните лифтови треба да бидат неисправни;
  • Промена може да се изврши само во рамки на постоечки кровен покривач
  • Сопствениците на станови треба да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбена зграда;
  • Најмалку 70 % од становите во зградата (односно влез) да се користат (населени) во текот на цела година (вклучително и најмени станови).

Право на учество во Јавниот повик имаат сите влезови поединечно, но треба да имаат регистрирано заедница на сопственици или избрано управител на станбена зграда.

При рангирањето на колективните станбени згради, кои ги исполнуваат наведените услови, како критериум е предвидено и целосна и навреме доставена документација.

 

  1. НАЧИН НА ПОДНЕСУВАЊЕ ПРИЈАВА

Заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради поднесуваат пријава на пропишан образец што може да се добие во Архивата на Општина Центар-Скопје, барака 6 или да се извади од веб-страницата на Општина Центар-Скопје centar.gov.mk.

 

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ДВЕТЕ КАТЕГОРИИ

  1. Пополнета Апликација – образец, потпишан од станбен управител или од престедател на заедница на сопственици;
  2. Апликантите да не се претходни корисници на субвенција за иста намена;
  3. Одлука донесена од станарите за избор на претседател на заедницата на сопственици на станови или договор за управувачки услуги (доколку управувањето со станбената зграда му е доверено на управител);
  4. Станбените згради за колективно домување да се постари од 15 години (доказ за старост на колективниот станбен објект се потврдува со изјава заверена на нотар и имотен лист со кој се докажува сопственоста за секој стан засебно (не постар од 6 месеци) или листа на сопственици од АКН –Агенција за катастар на недвижности, поднесен од управител или од претседател на заедница на сопственици ;
  5. Копија од жиро-сметката на заедницата на сопственици, односно копија од жиро-сметката што ја отворил управителот за потребите на станбената зграда;

-Одлука од мнозинството сопственици да се обезбедат 70 % од потребните средства за реконструкција на постојните кровни конструкции и поправка и санација на лифтовите во нивните станбени згради согласно Законот за домување;Во прилог: Потписи за согласност од 50 % сопственици плус еден сопственик (во прилог кон одлуката да се достави список со потписи од 50 % сопственици плус еден сопственик) од сите сопственици, со кои сопствениците даваат согласност за учество со 70 % сопствени средства во вкупниот износ од потребните средства за поправка, санација и реконструкција на постојни кровни конструкции и поправка и санација на лифтови во станбени згради.

– Одлуката се смета за донесена доколку своерачно ја потпишале 50 % сопственици плус еден сопственик од вкупниот број сопственици на посебни делови во колективниот станбен објект.

-Одлуката се доставува во оригинален примерок или како копија заверена на нотар.

7. Изјава од подносителот, управител или претседател на заедница на сопственици, дадена под целосна материјална и кривична одговорност, со која се потврдува дека секој сопственик на стан во објектот што е наведен како потписник во листата со потписи, односно согласности бил идентификуван лично од управителот или од претседателот на заедницата на сопственици и своерачно ја потпишал согласноста за финансиско учество за потребите на Јавниот повик. Изјавата да биде заверена на нотар

8. Тековна состојба од Централен регистар на Република Македонија не постара од шест (6) месеци;

9. Изјава од управител или од претседател од заедница на сопственици на станови за бројот на станови што се населени во текот на цела година.

 

ЗА ЛИФТОВИ

  • Годишен договор за редовно одржување и сервисирање на лифтот склучен со правно лице;
  • Технички извештај од периодичен технички преглед за состојбата на лифтот, изработен од независно правно лице, со кој се потврдува неговата техничка неисправност и чекори што треба да се преземат за усогласување на состојбата на лифтот со важечките стандарди.
  • Договор и понуда со изведувач во оригинал или нотарски заверена копија
  • Договор со надзор во оригинал или нотарски заверена копија

 

ЗА ПОКРИВИ

  • Фотографии од постоечка состојба
  • Изјава од претседателот на заедницата на сопственици на станови или од управителот (доколку работите на управувањето со станбената зграда му се доверени на управител) за степенот на оштетеност или за моментната состојба на покривот и кровната покривка.
  • Договор и понуда со изведувач за поправка или санација на кровниот покривач
  • Договор со надзор

 

ПРВА ФАЗА:

Во првата фаза Комисијата ги разгледува пристигнатите барања по редослед според датум и време на пристигнување,

 

ВТОРА ФАЗА:

Во втората фаза Комисијата врши детален увид во доставената документација и врши теренски увид за утврдување на веродостојноста на доставената документација,

 

ТРЕТА ФАЗА:

Во третата фаза Комисијата изготвува листа на потенцијални баратели и ги известува барателите кои ги исполнуваат условите по повикот, со цел продолжување на понатамошната реализација на пoстапката

  • Барателите (лифт и кров) може да започне со изведба на работите , по претходно добиено известување за потенцијален корисник.
  • Работите треба да се изведат во рок од 3 месеци од добиено известување за потенцијален корисник.

 

ЧЕТВРТА ФАЗА:

За лифт:

  • Конечна фактура што ке кореспондира со приложениот договор
  • Позитивен Технички извештај со овластен сертификат

За кров:

  • Завршна ситуација со спецификација (фактура во оригинален примерок заверена од изведувачот)
  • Извештај од надзор за завршена работа
  • Фотографии од новата состојба на кровниот покривач

 

ПЕТТА ФАЗА:

Во петтата фаза Комисијата повторно врши теренски увид на изведената состојба

 

ШЕСТА ФАЗА:

– Во шеста фаза Комисијата изготвува предлог до Градоначалникот за исплата на средства по јавниот повик

– Исплатата на одобрените средства ќе се врши согласно Доставена фактура/ситуација во оригинален примерок заверена од изведувачот и извештај од надзор за завршена работа најдоцна до 20 декември 2025 година.

По приложувањето на овие документи во Општина Центар, Општината ги префрла своите средства, како финансиска поддршка, на сметка на заедницата или на управителот на зградата.

 

  1. РОК, АДРЕСА И НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПРИЈАВАТА

4.1. Пријавите со целосна документација може да се достават во период од 10 мај 2025 година до 30 јуни 2025  година.

4.2. Пријавата и другата документација се доставуваат во затворен плик во Архивата на Општина Центар-Скопје, во барака 6, до Сектор за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина, секој работен ден во период од 9:00 до 15:00 часот или по пошта на адреса ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, Скопје.

4.3. На пликот треба да е наведено „Јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни кровни конструкции и постојни лифтови во станбени згради на подрачјето на Општина Центар-Скопје“.

4.4. Архивата на Општина Центар-Скопје ќе ги евидентира примените барања со точно време на поднесување (датум, час и минута) заради воспоставување редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.

4.5. Нема да се разгледуваат пријавите со нецелосна документација или пријавите доставени по истекот на предвидениот рок.

НАПОМЕНА: Во случај кога е неопходен или се планира поголем зафат, т.е. реконструкција на кровна површина (при што се прави измена и се додава поголема кровна површина), треба да се почитуваат одредбите од Законот за градење и условите од урбанистичката планска документација.

Пријава урнек

 

Comments are closed.

Close Search Window