Општина Центар информира дека 1500 пензионери досега се имаат пријавено на јавниот повик за доделување еднократна парична помош во висина од 2.500 денари за пензионери со старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија не повисока од 23.758,00 денари.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потенцира дека јавниот повик којшто се имплементира трета година по ред се одвива по принципот „прв дојден – прв услужен“, сѐ до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена.
„Еднократната финансиска поддршка ја доделуваме на граѓани кои имаат постојано живеалиште на територијата на Општина Центар и кои се приматели на старосна, семејна, инвалидска, социјална пензија (корисници на правото на социјална сигурност на стари лица) чиј износ не е повисок од 23.758,00 денари. Ги повикувам сите пензионери од Општина Центар кои ги исполнуваат условите да се пријават на повикот, со паричната помош помагаме во семејните трошоци во пресрет на новогодишните празници“, истакнува Герасимовски.
Јавниот повик трае до 29 ноември, односно додека финансиските средства предвидени за оваа намена не се исцрпат.
Заинтересираните граѓани треба да достават барање за доделување финансиска поддршка на пензионери во социјален ризик, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, за корисниците на старосна, семејна или инвалидска пензија – доказ од последна примена пензија (потврда/чек издаден од Банката во која се прима пензијата – за примена пензија во последните 2 месеци, односно за септември или октомври 2024 година), а за корисници на социјална пензија (корисници на правото на социјална сигурност на стари лица) – Потврда / Решение издадено од надлежниот Центар за социјална работа (ЦСР-Центар).
Барањето е достапно во Архива на Општина Центар-Скопје, барака 6 и на веб страната на општината https://www.centar.gov.mk/?p=23162. Потребната документација може да се достави секој работен ден од 09.00 до 14.00 часот.
Комисијата за селекција, формирана од Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, ќе ги разгледува и ќе одлучува по поднесените барања за остварување на правото за финансиска поддршка. На пензионерите во социјален ризик што аплицирале и ги исполниле потребните критериуми, Општина Центар ќе им изготви Решение за доделување на финансиска поддршка. Исплатата ќе се изврши директно на трансакциските сметки на барателите и ќе биде реализирана до крајот на тековната година.