Активности, Проекти|

Студентите од Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, под водство на професорот Сашо Блажевски направија студиска обиколка на градинката Пролет во Центар, која е во финална фаза на градба. Во разговорот со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и со службите на Општина Центар, студентите беа информирирани за проектот и неговата реализација.

„Се работи за објект наменет за деца од предучилишна возраст единствен во државата по својата големина, современиот дизајн и енергетската ефикасност. Драго ми е што сте овде за да се запознаете со сите решенија и карактеристики на оваа градба бидејќи токму вие како идни планери и урбанисти сте кадар што е многу потребен не само во општината, туку и во целата државата“ им порача Герасимовски на студентите од втората година на архитектонскиот факултет на Американ Колеџ.

Општинските служби задолжени за менаџирање на проектот ги запознаа студентите и им ги демонстрираа карактеристиките на објектот. Идните архитекти имаа можност да се запознаат со спецификите на проектот во секторот на греење, енергетска ефикасност, стабилноста и безбедноста на градбата, инклузивниот пристап, итн.

Новата градинка Пролет треба да биде завршена наесен, а во моментов се работи во внатрешноста на зградата. Градинка се простира на вкупна површина од 3.276 метри квадратни, со капацитет за згрижување на 150 деца. Ќе има 9 занимални и надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост во движењето. Во градинката ќе има и лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето. Предвидена е и изградба на кујна само за потребите на градинката, со што децата ќе добиваат свежо зготвена и здрава храна.

Comments are closed.

Close Search Window