Образование|

Денес со гордост ја прославуваме 187 годишнината од работата на основното училиште, кое го носи името во чест на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски присуствуваше на чествувањето на патрониот празник на училиштето, кое во колективната и културна меморија на македонскиот граѓанин ќе остане запаметено како најстарото во нашата држава. Основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ не само што го носи името на оние кои ни ја подарија писменоста и ги издигнаа културно словенските народи, туку и продолжува да чекори по нивниот пример во мисија на поврзување на различни култури и почитување на различностите.

Мултиетничноста е она што всушност го краси училиштето „Св. Кирил и Методиј“, како негова препознатлива карактеристика, бидејќи во него учат ученици од различни етнички заедници, кои функционираат одлично и претставуваат позитивен модел за современо и модерно општество. Наставниот кадар ги образува и едуцира учениците со желба и надеж да станат идни академски граѓани на нашата држава.

Општина Центар континуирано вложува во подобрувањето на условите во сите основни училишта. Во објектот на училиштето „Св. Кирил и Методиј“ извршена е санација на санитарните јазли, а во следниот период преку одобрени сретства од проект од Светска банка ќе се изврши реконструкција на фасадата на зградата.

Општина Центар со разни манифестации, како денешната под мотото „Да сонуваме, да патуваме“, а и преку соработка со факултети при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ го негува и чува делото на  словенските просветители, секоја година одбележувајќи го 24 мај како еден од најзначајните датуми во македонската историја.

Нека е честит и вечен споменот за браќата Кирил и Методиј и честит патронат!

 

Comments are closed.

Close Search Window