Активности|

По одржаните средби со граѓани кои живеат на улиците „Мирослав Крлежа“ и „Ленинова“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вчера одржа средба со граѓаните кои живеат во близина на пазарот „Буњаковец“.

Проблемите со паркинзите, отпадот, доставата на роба до пазарот и околните маркети беа едни од главните проблеми кои граѓаните им ги презентираа на градоначалникот Герасимовски и  претставниците на општинските служби и ЈП „ПОЦ“ кои беа присутни на средбата.

Во отворен разговор и дискусија со службите и градоначалникот, граѓаните имаа забелешки и за состојбата со кафе баровите и рестораните во тој дел, нивото на хигиена и состојбата со тротоарите, каде се паркираат возила и има поставено урбана опрема од локалите.

На средбата беа присутни и претставници од Скопски пазар во својство на сопственици на пазарчето Буњаковец, кои ги ислушаа граѓаните, се согласија за лошата моментална состојба на пазарот, им ја претставија нивната идеја за идниот проект на пазарот, кој ќе го изработат во согласност со барањата на граѓаните.

„Само со отворен дијалог можеме да ја решиме состојбата во делот околу Буњаковец и ООУ „Коле Неделковски“. Затоа сме и сите вечерва тука, да дискутираме, да слушаме идеи и предлози и заедно да бараме решенија. Во овој дел има проблеми кои се таложеле години наназад и не можам да бидат одговорен за моите претходници, но ве уверувам дека во иднина заедно ќе ги решаваме проблемите“, изјави пред присутните градоначалникот Герасимовски.

Граѓаните меѓу другото побараа и поставување на лежечки полицајци во близина на училиштето „Коле Неделковски“, овозможување на пристап за лица со потешкотии на јавните површини и затворање на овој дел од општината за сообраќај и менување во пешачка зона, со поставување на рампа кај Министерството за култура.

Comments are closed.

Close Search Window