Активности, Образование, Прес|

По повод почетокот со работа на новото основно општинско училиште ООУ „Киро Глигоров“, Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и Раководителот на секторот за уредување на градежното земјиште и животната средина во општината и Проект менаџер на новото училиште, Кире Секуловски одржаа брифинг со новинари на кој ги споделија информациитеза изградбата, карактеристиките на училиштето и условите за престој и имплементација на образовниот процес.

„Станува збор за прво ново – изградено училиште на територија на Општина Центар по цели 5 децении. Училиштето во населбата „Капиштец“ започна да се гради во 2016 година, а целокупната изведба на проектот е во вредност од 5.5 милиони евра. Името на училиштето беше избор на граѓаните. На анкетата која ја спроведовме на нашата веб-страница во јули годинава, Киро Глигоров е името кое освои најмногу гласови.  Училиштето „Киро Глигоров“ е со модерен дизајн и архитектура, изградено според највисоки стандарди за објекти во кои престојуваат и се образуваат деца. Особено сум горд на фактот што ООУ „Киро Глигоров“ е инклузивно училиште, во чиј состав ќе функционира и посебен Дневен центар за деца со церебрална парализа.  За таа намена, изградивме и комплетно уредивме простор според нивните потреби, но и целиот училиштен објект го адаптиравме на потребите на овие деца.Училиштето го завршивме 3 месеци пред предвидениот рок. Вложивме максимум напори за да овозможиме децата да ја започнат учебната година во ова училиште и да ги поштедиме родителите од префрлување во текот на годината. Практично, спасивме едно цело тромесечје. Oва училиште го решава повеќе деценискиот проблем на жителите од Капиштец кои повеќе нема да треба да ги носат своите деца во училишта во другите населби, затоа што од денеска имаат училиште во својата населба. “ – изјави Саша Богдановиќ, Градоначалникот на Општина Центар.

Раководителот на секторот за уредување на градежното земјиште и животната средина во општината и Проект менаџер на новото училиште ООУ „Киро Глигоров“, Кире Секуловски истакна дека иако се работеше за капитален проект од секој аспект, по само 3 години училиштето ширум ги отвора вратите за своите први ученици.

„Училишната зграда се протега на површина од 12.100 м2 и дворна површина од 4.100 м2. Влезот за ученици е од споредната, и помалку прометна улица „Адам Мицкиевиќ“, а влез за возила од улицата „Васил Ѓоргов“. При изведбата на проектот водевме грижа за зачувување на постоечките дрвја и зеленило, па така и целиот објект го поместивме од предвидената градежна маркица. Ниту едно дрво постаро од 40 години не е исечено, а на местото на оние кои моравме да ги отстраниме, засадуваме нови“

Во однос на карактеристиките на објектот и вградените материјали, Секуловски истакна дека сите материјали вградени во училиштето се од сертифицирани компании од САД, ЕУ и домашните компании.

Фасадата на училиштето е структурална, стаклена и самовентилирачка, а со тоа и енергетски ефикасна што значително ќе ја намали потрошувачката на топлинска енергија во зимскиот период и ќе придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот. Училиштето се состои од приземје, 2 ката и подземен паркинг со капацитет од 104 возила. Во дворот на училиштето се наоѓаат спортски терени за фудбал и одбојка, урбана опрема – клупи и високо-стоечки лампи за ноќно читање, 26 паркинг-места и простор за партерно и хортикултурно уредување, а целата дворна површина, вклучувајќи ги и игралиштата се осветлени со лед-енергетско ефикасно осветлување.

Внатрешноста на училиштето е со модерно уредување и стандардизиран ентериер на училници и простории во согласност со возраста на учениците. Освен тоа, водено е грижа за квалитетот на воздухот во училиштето за што се поставени рекуператори за прочистување на воздухот, но и за начинот на греење и осветлување, одржување на хигиената, безбедноста и достапноста до новите технологии. Училиштето е поврзано на централното градско затоплување со греење на целиот објект без радијатори, вградени се антибактериски и антиалергени подови,лед-енергетско ефикасно осветлување,посебни тоалети во секоја училница во ниските одделенија, посебни тоалетии посебен лифт за децата со церебрална парализа, противпожарен аларм во секоја просторија, мрежа за безжичен интернет од сите оператори итн.

Во состав на училиштето има 21 училница со акустика на простор,7 специјализирани кабинети за предметна настава,спортска сала и гимнастичка сала, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал, како и инклузивна просторија – Дневен центар за деца со церебрална парализа.

Сите училници и кабинети се опремени со стандардни школски табли, прожектори и смарт-табли со повеќе функционалности на допир, во кои е вграден софтвер кој овозможува интерактивно искуство во учењето, а на наставниците им нуди широк спектар на алатки за поддршка во секојдневната настава.

Смарт-таблите се производ на глобалниот провајдер за технологија за образование, „Прометеан“, кој, за својата креативност и иновативност, во конкуренција на компании во секторот за технологија за образование е прогласен за „Компанија на годината“ за 2018 година.

Секој од специјализираните кабинети располага со соодветна опрема за предметот, кој во неа се изучува. Бироата во сите училници и кабинети имаат довод за мрежен интернет, а во кабинетите за  хемија и физика покрај доводот за мрежен интернет до секое ученичко биро има и довод за вода и струја кои се неопходни за изведување училишни експерименти.

Сите училници и кабинети се со противпожарен алармен (Сплинкер) систем и противпожарни влезни врати со отпорност на пожар до 30 минути.

Спортската сала е по ФИБА стандарди, трпезаријата е по ХАСАП стандарди, а посебниот Дневен центар за деца со церебрална парализа е според стандардите и потребите на корисниците.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и Проект менаџерот на училиштето, Кире Секуловски упатија посебна благодарност до компанијата „Вардар Градба“ изведувачи на проектот, надзорниот орган „Завод за испитување на материјали“ (ЗИМ)- Скопје, тимот проектанти на основниот проект од „Инком Инженеринг“ и архитектот на идејниот проект Бесиан Мехмети, како и до сите подизведувачи и колеги од општината кои беа вклучени во реализација на проектот.

Comments are closed.

Close Search Window