Активности, Отчет, Прес|

Инвестиции во современо и инклузивно образование, нови паркинг места, енергетска ефикасност, инфраструктура, развој на културата и спортот, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го претстави отчетот за сработеното во изминатите две години. Тој на прес конференција посочи дека од почетокот на мандатот општината е фокусирана и посветено работи на реалните потреби на жителите и локалната самоуправа, нејзиниот развој и поставување нови стандарди и иновативни проекти за поквалитетен живот и исполнето секојдневие.

„Оваа година го основавме трговското друштво „Енергија Центар“ за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори. Со овој проект Општина Центар ги носи иновациите и ќе биде првата енергетски независна и самоодржлива општина во државата. Првиoт фотоволтаичен систем е веќе поставен на кровната површина на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во објектот Пепелашка и истиот треба да ги задоволи капацитетите за снабдување со електрична енергија и во зимскиот период. Преку основањето на „Енергија Центар“ ќе вложуваме и во нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти кои ќе бидат од корист на сите граѓаните“, потенцираше Герасимовски.

Тој порача дека грижата за најмладите е најважна, поради што изминатите две години општината посветено работеше на инвестиции во образованието.

„Грижата за најмладите е наша најважна работа, затоа инвестиравме и во нови енергетски-ефикасни фасади и реконструкција на кровните површини во градинките „13 Ноември“, објект Јасмин и објект Пинокио, додека во објектот Парк ги реконструиравме сите занимални. По 65 години ги проширивме капацитетите на училиштето „Коле Неделковски“. Инвестираме во доградба на 4 нови училници за повеќе од 100 ученици. Вложуваме и во инклузивно образование затоа по реконструкцијата Коле Неделковски ќе има и лифт, пристапна рампа и тоалет за учениците со потешкотии во движењето. Обезбедивме сензорни соби во училиштата Киро Глигоров, 11 Октомври, Песталоци и Гоце Делчев. Ангажиравме и 50 лични асистенти за учениците со посебни образовни потреби. Тие беа ангажирани и за време на летниот распуст за што во овие две години издвоивме 4 милиони и 800 илјади денари. Исто така, набавивме информатичка опрема за сите училишта во вредност од 4 милиони денари со што вложуваме во дигитализација, подобри услови и квалитетна настава за сите учениците. Општина Центар со сопствени средства во вредност од 2,5 милиони евра ја гради и најголемата, инклузивна и најмодерната градинка „Пролет“ со капацитет за 150 дечиња во 9 занимални “, рече Герасимовски.

Градоначалникот на Центар Герасимовски ги наброи реконструираните детските и спортски игралишта во Капиштец, Славејко Арсов, фудбалското игралиште кај Кам Маркет во Дебар Маало, близу трговскиот центар Зебра, Градски ѕид кај Коктел Бар и уште едно кај Зеленото пазарче како и двете спортски игралишта во дворот на училиштето Ј. Х. Песталоци, но не ги изостави ниту проектите за пензионерите.

„Ветеното кон пензионерите целосно е исполнето. За помалку од една година отворени се сите три пензионерски клубови кои беа нивно предизборно барање. Општина Центар исто така за пензионерите го спроведува и проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ со што обезбедува домашна нега од лиценцирани негуватели, физиотерапевти и психолози за 90 корисници. Во соработка со „Банка за храна“ Општина Центар секој месец доделува пакети со храна и хигиенски производи за пензионерите со ниски примања. За нашите највозрасни сограѓани обезбедивме и бесплатни стоматолошки услуги“, истакна Герасимовски.

Тој исто така рече дека локалната власт го исполнила предизборното ветување, Јавното Претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ да стане и комунално претпријатие. Притоа потсети на акциите за чистење во Паркот на франкофонијата, Паркот Капиштец, Сквер Јадран, Паркот на новинари, поранешен „Технометал – Вардар“, околу Фондот за здравствено осигурување, на Кале како и дивите депонии на Водно, Крњево, Маџар Маало, Нова Железничка, Буњаковец, Каналите на Загребска и Водњанска.

Во изминатите две години општината реконструираше 17 улици, обезбеди резидентни паркинзи, постави нова урбана опрема и столпчиња за регулирање на сообраќајот, нова атмосферска, водоводната и фекалната канализација каде што беше потребно, а развивањето на вело мрежата беше потврдена со наградата „Највело општина за 2023“.

Оваа година потенцираше Герасимовски фокусот на општината бил урбанизмот за што градежните инспектори извршиле 269 вонредни инспекциски контроли, препишале 90 казни за правни лица и 208 казни на физички лица.

Годините во општината ги одбележаа и проектите во култирата и спортот меѓу кои Детската недела, Маалскиот фестивал и големиот концерт „Нешто што ќе остане“, кој ќе стане новото обележје на Центар. Во спортот рече Герасимовски, обезбедени се нови спонзори кои го враќаат тимот на старите победнички патеки.

За крај Герасимовски порача дека општината останува посветена на реализирање на ветувања за сите проекти кои носат бенефит за граѓаните, ја развиваат општината и го подобруваат животот во Центар.

Comments are closed.

Close Search Window