Герасимовски: Центар ве поканува  на врвна класична музика со Трио Аперто во Археолошкиот музеј

Активности
1
29.06.2026

Герасимовски: Центар ве поканува  на врвна класична музика со Трио Аперто во Археолошкиот музеј

Со поддршка на Општина Центар, во среда, со почеток во 19 часот, во Националниот археолошки музеј ќе се одржи концерт на класична музика во изведба на Трио Аперто. Влезот е слободен.

Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана програма со композиции од Шостакович, Форе, Цанев, Дворжак, Светиев, Шнитке и други автори, кои ќе ги изведат тројца истакнати македонски уметници:  Марина Трајковска (виолина), Момчило Куфојанакис (виолина) и Весна Ангелова Христов (пијано).

„Ги поканувам сите љубители на класичната музика да бидат дел од оваа музичка вечер исполнета со емоции, виртуозност и врвни музички остварувања. Продолжуваме да ја поддржуваме македонската културна сцена и да реализираме квалитетни културни настани достапни за сите граѓани“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Трио Аперто е една од ретките камерни формации во земјава составена од две виолини и пијано. Ансамблот има богата концертна дејност со бројни настапи низ Македонија и во странство и е препознатлив по своите интерпретации на дела од светската класична музика и современото македонско творештво.

Концертот е дел од програмата на Општина Центар за 2026 година, со кој воедно се одбележуваат 50 години од локалната самоуправа.

Галерија
Submitted by miai on 29.06.2026 - 10:23