Герасимовски: Центар пееше во еден глас, македонски евергрини и филмски класици ја кренаа публиката на нозе на Центарска симфонија

Активности
1
14.06.2026

Герасимовски: Центар пееше во еден глас, македонски евергрини и филмски класици ја кренаа публиката на нозе на Центарска симфонија

Во еден глас, со многу емоции и одлична атмосфера, вчеравечер на Плочникот кај Градски ѕид се одржа второто издание на „Центарска симфонија“, во организација на Општина Центар.

Публиката уживаше во македонските евергрини и филмска музика, во изведба на „Сонора Колектив“ оркестарот и одличните вокали на Иван Наумовски и Елена Васова.

„Центар останува место на најубавите културни настани. Среќен сум што вечерва ве гледам овде, во толку голем број, на уште едно издание на „Центарска симфонија“, истакна Герасимовски пред почетокот на концертот.

Во текот на вечерта беа изведени  безвременските хитови на Драган Мијалковски и Нина Спирова, како и музичките теми од култните филмови „Валканиот танц“, „Кум“, „Пиратите од Карибите“ и други, кои публиката ги проследи со силни аплаузи и воодушевување.

Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека оваа манифестација заслужено зазема важно место во културниот живот на Центар.

„Интересот и оваа година е одличен. Центарци уживаат во вакви настани и токму тоа ни е поттик да продолжиме да создаваме културни содржини за сите генерации. Музиката обединува, создава убави спомени и носи посебна енергија. Благодарен сум што сите заедно уживавме во уште една прекрасна летна вечер“, рече Герасимовски.

Општина Центар продолжува да ја збогатува културната понуда со манифестации што го оживуваат јавниот простор и градското секојдневие.

Галерија
Submitted by miai on 14.06.2026 - 12:02