Герасимовски: 42. Маџирмаалски средби - традиција што го чува духот на Маџир Маало

Активности
1
23.02.2026

Герасимовски: 42. Маџирмаалски средби - традиција што го чува духот на Маџир Маало


Општина Центар и годинава е покровител на Маџирмаалските средби, манифестација што повеќе од четири децении го негува маалскиот дух, спортот и културната традиција на едно од најстарите скопски маала.


На средбите се приклучи и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, кој помина прекрасен ден во дружење со маџирмаалци и активно учествуваше во спортските и забавни содржини. Тој истакна дека Маџир Маало е пример за традиција што се одржува и се пренесува со години. 


„Маџир Маало има своја енергија и карактер, надалеку прочуени. Овие средби се доказ дека автентичниот маалски дух му пркоси на времето. Секогаш е задоволство и чест да се биде со маџирмаалци. Општина Центар и понатаму ќе ги поддржува ваквите настани, кои се важен дел од локалната традиција“, рече Герасимовски.


На спортските терени во Маџир Маало, на Кејот на Вардар се одржа богата спортско-културна програма со ревијални фудбалски натпревари, како и традиционалниот турнир во „фанта“.


На фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на Општина Центар и Град Скопје, заслужено победи екипата на Центар, во фер и спортска атмосфера.
Настанот заврши со заедничко дружење и доделување признанија и благодарници.


Општина Центар 42 години по ред е покровител на Маџирмаалските средби.

Submitted by miai on 23.02.2026 - 13:41