Герасимовски: Обновени игралишта во Дебар Маало и Капиштец, побарана засилена контрола од МВР
Општина Центар ги обнови детските игралишта кај „Зебра“ во Капиштец и кај КАМ маркет во Дебар Маало, при што дотраените и оштетени реквизити се заменети со нови за да се обезбедат побезбедни и поквалитетни услови за игра и рекреација на децата.
Градоначалникот Горан Герасимовски упати апел за зачувување на урбаната опрема , нагласувајќи дека јавниот простор е заедничка одговорност.
„На барање на жителите побаравме засилено присуство на МВР на терен, особено во вечерните часови, кога има појава на вандализам и оштетување на детските игралишта. Во општината има околу 50 детски, спортски, маалски и училишни игралишта. Даваме сѐ од себе да ги одржуваме и унапредуваме, но за жал често се соочуваме со нивно оштетување, поради што повторно вложуваме средства за нивно санирање. Апелирам до граѓаните заеднички да водиме грижа за јавното добро и да ги чуваме содржините што се наменети за сите“, порача Герасимовски.
Тој потсети дека Општина Центар иницираше измени на повеќе закони со цел поефикасно справување со девијантното однесување кај младите, меѓу кои и воведување општокорисна работа за малолетните вандали и нивните родители.
За 2026 година, Општина Центар има издвоено 12 милиони денари за обнова и реконструкција на детските и спортските игралишта на својата територија.