Герасимовски: Слободата се празнува со хуманост, „Симит и погача“ во срцето на Скопје

Активности
1
13.11.2026

Герасимовски: Слободата се празнува со хуманост, „Симит и погача“ во срцето на Скопје

Со хуманост, солидарност и меѓугенерациско дружење, Општина Центар го одбележа 13 Ноември,  Денот на ослободувањето на Скопје. Традиционалниот хуманитарен фестивал „Симит и погача“ ги обедини граѓаните пред муралот на Горан Стефановски во Дебар Маало, а средствата собрани од базарот со домашни специјалитети се наменети за поддршка на повредените во пожарот во Кочани.

„Овој голем ден за Скопје го одбележуваме со хуманост и солидарност, затоа што токму така се живее слободата. Хуманоста отсекогаш била во срцето на Скопје. Во тој дух сакаме да ја развиваме и нашата општина, како заедница во која солидарноста, грижата и човечноста се заеднички вредности. Ви благодарам на сите што сте дел од овој настан“, порача градоначалникот Горан Герасимовски, кој прв донираше.

Под мотото „Младите за возрасните и возрасните за младите“, на манифестацијата учествуваа пензионери од Здружението на пензионери на Општина Центар, членови и почитувачи на Сојузот на борци, ученици од основните училишта и културни работници.

Програмата ја отвори пензионерскиот хор „Елегија“, по што следуваа ученички хорски изведби, рецитали посветени на Скопје и музички точки. Пензионерите се претставија со рецитации и фолклорни изведби, а посебен дел од програмата беше посветен на историското значење на 13 Ноември и ослободувањето на градот.

На хуманитарниот базар посетителите имаа можност да вкусат традиционална скопска симит-погача и други домашни специјалитети, подготвени од Активот на жени пензионерки од Центар и општествено одговорни компании, и да придонесат за поддршка на повредените во Кочани.

Галерија
Submitted by miai on 13.11.2026 - 12:43