ЈАВЕН ПОВИК за финансиска поддршка за реализација на проектот „7/8 Центарски Такт“

Соопштенија
Јавен повик
1
05.10.2026

 

                                                                                               

1

         Општина Центар-Скопје

Врз основа на член 50 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Р.М.” бр.5/2002 и „Службен весник на РСМ“ бр. 202/24), член 4 од Правилникот за начинот, критериумите и постапката за доделување финансиски средства за проекти и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Центар-Скопје бр.08-1187/16 од 27.2.2025 година („Службен гласник на Општина Центар–Скопје“ бр.2/2025), точка 4.14 од Програмата за култура на Општина Центар – Скопје бр.08-6365/26 од 24.12.2025 година („Службен гласник на Општина Центар–Скопје“ бр.15/25) и Програмата за измена и дополнување на Програмата за култура на Општина Центар-Скопје за 2026 година бр. 08-4042/11 од 14.7.2026 година („Службен гласник на Општина Центар–Скопје“ бр.8/26) Општина Центар – Скопје објавува

ЈАВЕН ПОВИК

за финансиска поддршка за реализација на проектот „7/8 Центарски Такт“

  1. Предмет на јавниот повик:

Во рамки на Програмата за култура на Општина Центар-Скопје за 2026 година, а со цел да се промовира македонското фолклорно наследство, се објавува Јавен повик за реализација на проектот „7/8 Центарски Такт“. Со организацијата на овој проект, Општина Центар сака да ја истакне вредноста на микротоналната музичка традиција, народната песна и традиционалната носија преку спој на едукативен, дефилеен и сценско-музички карактер.

Учесниците на Јавниот повик потребно е да понудат целосна логистичка, уметничка и организациска подготовка на следните сегменти:

  • Изложбен сегмент: Организација и поставка на репрезентативна изложба на оригинални македонски народни носии и традиционални везови, со соодветно стручно/едукативно објаснување за нивното потекло и историски контекст.
  • Дефиле на културно-уметнички друштва: Координација и организација на дефиле на културно-уметничките друштва (КУД) кои делуваат на територијата на Општина Центар.
  • Историско-едукативен концепт: Изработка на сценарио за модератор/водител кој преку едукативен наратив ќе ја води публиката низ историјата, микротоновите и спецификите на македонскиот фолклорен мелос.
  • Музичко-сценска вечер (Ретроспектива): Музичка продукција и организација на концертен дел посветен на ретроспектива на незаборавни фестивалски народни песни, вклучувајќи ангажман на изведувачи и техничка поддршка.

Датумот за одржување на настанот е 16.10.2026 година, а предвидената локација за реализација на проектот е ул. „Живко Чинго“ („Боемска улица 2“). Општина Центар-Скопје ги обезбедува услугите за озвучување и осветлување на настанот. Овој Јавен повик се објавува на огласната табла и на веб-страницата на Општина Центар – Скопје  https://www.centar.gov.mk/ 

  1. Услови за пријавување:

2.1. Право на учество: На овој повик можат да се пријават регистрирани здруженија и правни субјекти со седиште на територијата на Општина Центар-Скопје како матична општина каде што физички ќе се реализира проектот „7/8 Центарски Такт“.

2.2. Критериуми: Врз основа на член 9 од Правилникот за начинот, критериумите и постапката за доделување финансиски средства за проекти и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Центар-Скопје, здруженија, организации и правни субјекти кои вршат дејност од областа на културата треба да ги исполнуваат следните критериуми:

- да се регистрирани како, здружение, организација или правен субјект од областа на културата со седиште во Општина Центар-Скопје;

- да имаат активна трансакциска сметка и активен статус на дејствување од најмалку една (1) година;

- да поседуваат Статут и Решение за регистрација на здружението, организацијата или правниот субјект;

- да имаат најмалку една година работно искуство во културата.

       3.  Потребна документација за пријавување на Јавниот повик:

- пополнета пријава со краток опис и агенда за настанот;

- портфолио на здружението, организацијата или правниот субјект;

- биографија на лицата, односно изведувачите вклучени во проектот;

- референтна листа;

- финансиска конструкција за средствата потребни за реализација на проектот;

- активна трансакциска сметка на субјектите што се пријавиле на Јавниот повик на која може да се префрлат добиените средства и

- Решение за регистрација или тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија не постара од 6 месеци.

      

      4. Комисија за евалуација и критериуми:

Поднесените пријави по објавениот повик ќе ги разгледува Комисија формирана од Градоначалникот од редот на администрацијата. Критериумите за избор на пријавените кандидати при доделување на средства од Буџетот на Општина Центар се оригиналност на идејата, референците и портфолиото на субјектите и прифатливост на финансиската конструкција за организација на настанот. Проектите ќе бидат бодувани согласно член 11 од Правилникот за начинот, критериумите и постапката за доделување финансиски средства за проекти и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Центар-Скопје.

5. Начин и рок на поднесување на пријавата:

Рок за поднесување на пријавите е 5 (пет) дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар-Скопје.

Пријавата со потребната документација се доставува во еден оригинален примерок, пополнета електронски, потпишана и заверена/печатирана од одговорно лице на апликантот, преку пошта на адреса:

Општина Центар-Скопје

Сектор за јавни дејности/Одделение за култура

ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје

или во Архивата на Општина Центар-Скопје (барака 6) од 9.00 до 15.00 часот, со назнака: Јавен повик за финансиска поддршка за реализација на проектот „7/8 Центарски Такт“ во Општина Центар.

Материјалите доставени со пријавите на Јавниот повик не се враќаат. Проектите поддржани со овој Јавен повик се составен дел од Годишната програма за култура на Општина Центар – Скопје за 2026 година. Износот на финансиската поддршка на избраниот проект ќе биде одреден согласно големината и квалитетот на проектот, а во рамките на предвидените средства во Програмата за култура и Буџетот на Општината. Вкупните средства за проектот 4.14 „7/8 Центарски Такт“ изнесуваат 900.000,00 денари. Учесниците на Јавниот повик ќе бидат известени за резултатите по завршување на рангирањето на пријавите од Комисијата. Општина Центар – Скопје ќе склучи Договор за финансирање со субјектот чиј проект ќе биде избран на Јавниот повик.

Напомена: Пријавата за финансиска поддршка ќе биде достапна на веб-страницата на Општина Центар-Скопје (www. centar.gov.mk).

Пријавите со нецелосна документација, пријавите пополнети на несоодветен образец или пријавите што ќе бидат доставени по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат.

ОПШТИНА ЦЕНТАР-Скопје

                                                                                                                                                                                                                                                       ГРАДОНАЧАЛНИК

                                                                                                Д-р Горан Герасимовски

                                                                                                                                                                                                                                                                                           __________________________

Документи
Submitted by miai on 05.10.2026 - 10:32