
ОПШТИНА ЦЕНТАР-СКОПЈЕ
Врз основа на член 50 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Р.М.” бр.5/2002 и „Службен весник на РСМ“ бр. 202/24), член 4 од Правилникот за начинот, критериумите и постапката за доделување финансиски средства за проекти и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Центар-Скопје бр.08-1187/16 од 27.2.2025 година („Службен гласник на Општина Центар–Скопје“ бр.2/2025), точка 4.2 од Програмата за култура на Општина Центар – Скопје за 2026 година („Службен гласник на Општина Центар–Скопје“ бр.15/2025), и Програмата за измена и дополнување на Програмата за култура за 2026 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр.8/2026), Општина Центар – Скопје објавува
ЈАВЕН ПОВИК
за финансиска поддршка за реализација на проектот
„Ден на Општината – 3 Ноември“
- Предмет на Јавниот повик:
Во рамки на Програмата за култура на Општина Центар-Скопје за 2026 година, а по повод одбележувањето на големиот и значаен јубилеј – 50 години од основањето на Општина Центар (1976 – 2026), се објавува Јавен повик за финансиска поддршка за реализација на проект за сеопфатно организирање и реализација на празничната манифестација „Ден на Општината – 3 Ноември“.
Предметот на овој Јавен повик опфаќа осмислување, организација, продукција и спроведување на разновидна еднонеделна програма (Прослава на јубилејната недела), која треба соодветно да го рефлектира половинавековниот развој, културниот идентитет, историското значење и урбаниот дух на Општина Центар.
Учесниците на Јавниот повик треба да понудат и реализираат концепциски заокружена низа од активности што ќе се одвиваат во текот на целата недела, вклучително:
- Тематски и културно-историски туристички прошетки: Организирање тематски тури со професионален туристички водич низ препознатливите урбани и културни знаменитости на Општина Центар (Дебар Маало, објектите на Скопската модерна, историските паркови, боемските четврти и спомениците на културата), наменети за граѓаните, младите и домашните/странските гости.
- Протоколарни активности и дочек на меѓународни и домашни делегации: Целосна логистичка и организациска поддршка за официјалните приеми со делегации од збратимени и партнерски градови/општини, како и обезбедување протоколарен сервис (преведувачи и водичи).
- Културно-уметнички и едукативни настани на отворено: Организција на ретроспективни мултимедијални и фото-изложби на отворено, улични перформанси, детски креативни и едукативни работилници.
Во доставените пријави, потребно е посебен и централен акцент да биде ставен на концепцијата, сценариото, протоколот и комплетната организација на Свечената гала вечер по повод 50-годишниот јубилеј. Учесникот е задолжен да понуди:
- Комплетно сценарио и режија на гала вечерта;
- Уметничка и музичка програма (предложените изведувачи треба да бидат реномирани во својата област и да имаат настапувано на исти или слични манифестации);
- Учесниците на Јавниот повик треба да предложат и водител на гала вечерта со искуство во успешно реализирани манифестации од исти или слични услуги.
- Изработка на документарен краткометражен филм / видео-ретроспектива за 50-те години на Општина Центар и
- Протоколарна организација за доделување на годишната награда „Феникс“;
Датумот за одржување на активностите е од 2.11-7.11.2026 година, а истите потребно е да се реализираат на локации на територија на Општина Центар. Општина Центар-Скопје ги обезбедува услугите за физичко обезбедување, озвучување и осветлување на настаните.
Овој Јавен повик се објавува на огласната табла и на веб-страницата на Општина Центар – Скопје https://www.centar.gov.mk/
- Услови за пријавување:
2.1. Право на учество: На овој повик можат да се пријават сите регистрирани здруженија, организации и правни субјекти што делуваат во полето на културата, уметноста и маркетингот и се со седиште на територијата на Општина Центар-Скопје.
2.2. Критериуми: Врз основа на член 9 од Правилникот за начинот, критериумите и постапката за доделување финансиски средства за проекти и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Центар-Скопје сите здруженија, организации и правни субјекти кои вршат дејност од областа на културата, уметноста и маркетингот треба да ги исполнуваат следните критериуми:
- да се регистрирани како здружение, организација или правен субјект од областа на културата, уметноста и маркетингот со седиште во Општина Центар-Скопје
- да имаат активна трансакциска сметка и активен статус на дејствување од најмалку една (1) година
- да поседуваат Статут и Решение за регистрација на здружението, организацијата или правниот субјект
- да имаат најмалку една година работно искуство во културата
3. Потребна документација за пријавување на Јавнот повик:
- пополнета пријава со краток опис и агенда за настаните
- портфолио на здружението, организацијата или правниот субјект
- биографија на лицата, односно изведувачите и учесниците вклучени во проектот
- референтна листа
- финансиска конструкција за средствата потребни за реализација на проектот
- Потврда за активна трансакциска сметка на субјектите што се пријавиле на Јавниот повик на која може да се префрлат добиените средства
- Решение за регистрација или тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија не постара од 6 месеци.
4. Комисија за евалуација и критериуми:
Поднесените пријави по објавениот повик ќе ги разгледува Комисија формирана од Градоначалникот од редот на администрацијата. Критериумите за избор на пријавените кандидати при доделување на средства од Буџетот на Општина Центар се оригиналност на идејата, референците и портфолиото на субјектите и прифатливост на финансиската конструкција за организација на настанот. Проектите ќе бидат бодувани согласно член 11 од Правилникот за начинот, критериумите и постапката за доделување финансиски средства за проекти и програмски активности од областа на културата од интерес за Општина Центар-Скопје.
5. Начин и рок на поднесување на пријавата:
Рок за поднесување на пријавите е 5 (пет) дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар-Скопје.
Пријавата со целокупната документација може да се достави преку пошта на адреса:
Општина Центар-Скопје
Сектор за јавни дејности/Одделение за култура
ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје
или во Архивата на Општина Центар-Скопје (барака 6) од 9.00 до 15.00 часот
со назнака: Јавен повик за финансиска поддршка за реализација на проектот „Ден на Општината – 3 Ноември“.
Материјалите доставени со пријавите на Јавниот повик не се враќаат. Проектите поддржани со овој Јавен повик се составен дел од Годишната програма за култура на Општина Центар – Скопје за 2026 година. Износот на финансиската поддршка на избраниот проект ќе биде одреден согласно големината и квалитетот на проектот, а во рамките на предвидените средства во Програмата за култура и Буџетот на Општината. Вкупните средства за Јавниот повик за финансиска поддршка за реализација на проектот „Ден на Општината – 3 Ноември“ изнесуваат 1.500.000,00 денари. Учесниците на Јавниот повик ќе бидат известени за резултатите по завршување на рангирањето на пријавите од Комисијата. Општина Центар – Скопје ќе склучи Договор за финансирање со субјектот чиј проект ќе биде избран на Јавниот повик.
Напомена: Пријавата за финансиска поддршка ќе биде достапна на веб-страницата на Општина Центар-Скопје (https://www.centar.gov.mk/).
Пријавите со нецелосна документација, пријавите пополнети на несоодветен образец или пријавите што ќе бидат доставени по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат.