Герасимовски: Со ДУП „Барутана“ се воведува плански ред, нема услови за нова „Панорамика“ и никнување дивоградби
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за Канал 5 ги презентираше клучните аспекти од изработката на ДУП „Барутана“, потенцирајќи дека новиот план не го зголемува, туку значително го намалува обемот на градење и воведува јасни правила за заштита на просторот на Водно.
Наводите за можни ерозии ги отфрли како нестручни бидејки се темели врз стручни анализи и физибилити студии.
„ДУП-от е дете на ГУП-от, кој е донесен со параметри што важат и денес. ГУП-от се темели на стручни проценки, снимања и анализи на теренот, вклучително и оние за ерозивноста,“ изјави Герасимовски.
Тој нагласи дека неконтролираното и диво градење е главен ризик за појава на свлечишта и ерозија, додека планското уредување обезбедува стабилност и безбедност.
„Свлечиштата најчесто се резултат на непланска и самоволна градба, која потоа се легализира. Со овој ДУП воведуваме ред наместо такви практики,“ додаде тој.
Градоначалникот демантираше дека се зголемува бројот на градежни парцели, посочувајќи дека тие се преземени од претходниот план.
Според новиот нацрт-план: вкупната дозволена изградба се намалува од 43.429 м² на 29.459 м² (за 33%); наместо поткровје се дозволува градба П+2; максималната изграденост се ограничува на 40%; се дозволува само едно подземно ниво; зелените површини се зголемуваат на 40%.
„Нема да има изигрувања како во случајот со ‘Панорамика’, каде се градеа повеќе лажни подземни нивоа. Со овој план се дозволува само едно подземно ниво за паркирање, со што се гарантира дека такви злоупотреби нема да се повторат,“ истакна Герасимовски.
Тој информираше дека во процесот на изработка биле вклучени експерти од областа, вклучително и универзитетски професори и практичари.
„Имавме консултации со стручни лица и градежници, денеска се сретнав со професорот и екс градоначалник Грчев. Ток укажа дека многу нестручни лица си даваат слобода да коментираат без елементарно познавање на материјата,“ рече градоначалникот.
Герасимовски нагласи дека станува збор за план кој има континуитет со постојните решенија.
„Се создаде непотребна фама. Ова не е нов план, туку ДУП кој постои од 2002 година. Ние не гов зголемуваме обемот на градење, туку го уредуваме просторот и воведуваме јасни правила,“ истакна тој.