Герасимовски: Ќе се врши проценка на штетите од невремето, граѓаните да ги пријават оштетувањата
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, учествуваше на координативен состанок со скопските градоначалници и Кризниот штаб на Град Скопје, на кој беа разгледани штетите и последиците од силното невреме што вчера го зафати главниот град.
„На состанокот со колегите од другите општини ја разгледавме состојбата на теренот и последиците од невремето. Штабот за заштита и спасување на Општина Центар денеска веќе даде насоки за формирање комисија пред која граѓаните ќе можат да ги пријават штетите, а истото ќе го направат и другите локални самоуправи“, истакна Герасимовски.
На средбата беше договорено, во координација со Град Скопје, да се изврши стручна проценка на пријавените штети, по што, согласно законската регулатива и расположливите можности, ќе започне постапка за поддршка на граѓаните при санацијата на оштетувањата на објектите за домување.
Истовремено, беше договорено и засилување на координираните контроли на терен.
„Со колегите градоначалници договоривме општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да спроведат засилени и строги контроли“, додаде Герасимовски.
На состанокот беше договорено да се проверат сите локации и објекти каде што има оштетени кровни конструкции, со цел да се утврдат причините за настанатите оштетувања, имајќи предвид дека за нивното одржување се надлежни куќните совети. На средбата се дискутираше и за тековните активности на терен, при што беше истакнато дека
мобилните екипи на Општина Центар интензивно работат на нормализирање на состојбата.