Герасимовски го исполни  ветувањето: Салата Работнички сега е ,,Лазар Лечиќ", легендата живее

Активности
1
13.03.2026

Герасимовски го исполни  ветувањето: Салата Работнички сега е ,,Лазар Лечиќ", легендата живее


На иницијатива на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, спортската сала „Работнички“ го доби името на легендарниот тренер Лазар Лечиќ.Предлогот едногласно беше усвоен на денешната шеста седница на Советот на Општина Центар.


Герасимовски им се заблагодари на советниците за поддршката салата да го носи името на човекот кој оставил длабока трага во македонската кошарка и во историјата на КК Работнички.

„Салата, на мој предлог,  се преименува во чест на големиот Лазар Лечиќ, кој е важен дел од историјата и на Работнички и на салата што од корен ја реконструиравме. Таа доби целосно нов лик и заслужува ново име што ќе го продолжи духот и традицијата на клубот. Денес можеме да се пофалиме дека имаме  сала по ФИБА стандарди,  подготвена за нови спортски успеси и нови генерации кои ќе ја продолжат славната кошаркарска приказна по која Работнички беше препознатлив во Македонија и пошироко“, порача Герасимовски.


Лечиќ се смета за еден од творците на македонската професионална кошарка. Под негово водство, КК Работнички ги освои шампионските титули во 1963 и 1964 година и се пласираше во Првата сојузна лига. Својот кошаркарски подем го започнал во 1957 година токму во Работнички, а по неколку години преминал во тренерските води, каде оставил силен белег во развојот на кошарката во Македонија и пошироко. Под негово водство, клубот во 1975 година стигна до полуфиналето на европскиот FIBA Saporta Cup.

Галерија
Submitted by miai on 13.03.2026 - 15:26