Герасимовски и советниците д-р Новотни и д-р Савески на дискусија со учениците: 8 милијарди причини за дејствување против дебелината
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја отвори панел-дискусијата на тема „8 милијарди причини за дејствување против дебелината“.
Настанот беше организиран по повод 4 Март - Светскиот ден на дебелината и се одржа во основното училиште „Кочо Рацин“.
Од стручен аспект говореа проф. д-р Антони Новотни и доц. д-р Александар Савески, советници на Општина Центар. Во дискусијата активно се вклучија и ученици, кои поставуваа прашања за правилната исхрана.
Градоначалникот Герасимовски потенцираше дека Општина Центар континуирано инвестира во развојот на младите.
„Вложуваме во здравата исхрана за нашите основци, но и во спортскиот живот на младите. Без здрави генерации, нема иднина, затоа сме тука, со нашите советници од докторската фела, да појасниме, советуваме и аплеираме“, истакна Герасимовски.
Говорниците нагласија дека е потребна постојана едукација и активно вклучување на семејството и училиштето во креирањето здрави навики кај младата популација.
Докторите апелираа до учениците да го зголемат внесувањето на овошје и зеленчук, да ја намалат консумацијата на слатки и солени грицки, да бидат активни и да го намалат времето поминато на телефон.
Во рамки на дискусијата беа презентирани податоци од студијата на Европската иницијатива, според кои во Македонија само 25% од децата секојдневно консумираат свежо овошје, а 20% јадат свеж зеленчук секој ден, што е меѓу најниските нивоа во Европа.