Врз основа на член 50 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Р.М.” бр.5/2002 и “Службен весник на Р.С.М.” бр.202/24), член 4 од Правилникот за начинот, критериумите и постапката за доделување финансиски средства за проекти и програмски активности од областа на спортот од интерес за Општина Центар – Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр.2/2025) и точка 5.4 од Програмата за спорт и рекреација на Општина Центар – Скопје за 2026 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр.15/25), Општина Центар – Скопје распишува
ЈАВЕН ПОВИК
за финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот
1. ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ
1.1 Во функција на поддршка, промоција, афирмација и унапредување на јавниот спорт и рекреација за граѓаните, како и подобрување и зголемување на спортските успеси на спортистите-поединци и спортските клубови на домашен и меѓународен план, Општина Центар-Скопје обезбедува финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот од интерес за Општина Центар-Скопје, за дејствување во различни области од спортот во општината.
1.2 Вкупните средства за проектот 5.4 Јавен повик за финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот изнесува 5.500.000,00 денари од кои:
- 3.500.000 се наменети за Проекти за поддршка, промоција, афирмација и унапредување на јавниот спорт и рекреација за граѓаните,
- 2.000.000 денари за Проекти за подобрување и зголемување на спортските успеси на спортистите-поединци и спортските клубови на домашен и меѓународен план, при што на спортисти-поединци може да се доделат максимум 50% од овој износ.
2. УСЛОВИ ЗА КОНКУРИРАЊЕ
2.1. Проектите за поддршка, промоција, афирмација и унапредување на јавниот спорт и рекреација за граѓаните треба да ги исполнуваат следните услови за да бидат разгледани од Комисијата за рангирање на пријавите од спортисти-поединци, спортски субјекти, спортски клубови, спортски здруженија, спортски институции, здруженија на граѓани и регистрирани организации во областа на спортот, од интерес за Општина Центар:
- да се иновативни и да опфаќаат поширок круг на граѓани на општината,
- да овозможуваат еднаква достапност и пристап за граѓаните (жени, млади, деца, повозрасни, лица со попреченост),
- да се реализираат на подрачјето на општина Центар,
- да имаат јасна визија за долгорочна самоодржливост.
2.2 Проектите за подобрување и зголемување на спортските успеси на спортистите-поединци и спортските клубови на домашен и меѓународен план треба да ги исполнуваат следните услови за да бидат разгледани од Комисијата за рангирање на пријавите од спортисти-поединци, спортски субјекти, спортски клубови, спортски здруженија, спортски институции, здруженија на граѓани и регистрирани организации во областа на спортот, од интерес за Општина Центар:
- да ги афирмираат младите професионалци во полето на спортот,
- да промовираат нови и млади спортисти-поединци,
- да го афирмираат аматерскиот спорт за различни старосни групи.
3. ПРАВО НА УЧЕСТВО И КРИТЕРИУМИ
Право на учество на Јавниот повик ќе имаат спортисти-поединци, спортски субјекти, спортски клубови, спортски здруженија, спортски институции регистрирани во Централен регистар со седиште во Општина Центар-Скопје кои ги исполнуваат следниве критериуми:
- Физичко лице со живеалиште и лична карта во Општина Центар-Скопје
- да се регистрирани како спортски здруженија и други правни лица во областа на спортот во согласност со Законот за спорт, и да има регистрирано седиште во Општина Центар-Скопје
- да имаат активна трансакциска сметка и активен статус на дејствување од најмалку една (1) година
- да поседуваат Статут и Решение за регистрација на здружението за спорт
- да имаат најмалку една година работно искуство во спортот
- да поднесат извештај за користење на средствата од Буџетот на Општината ако за претходната година добиле средства преку Јавниот повик од Програмата за спорт и рекреација на Општина Центар за 2024 година.
4. ВИД ПРОЕКТИ ШТО ЌЕ БИДАТ ФИНАНСИСКИ ПОДДРЖАНИ:
- Проекти за поддршка, промоција, афирмација и унапредување на јавниот спорт и рекреација за граѓаните – може да ги аплицираат само спортски субјекти, спортски клубови, спортски здруженија, спортски институции регистрирани во Централен регистар со седиште во Општина Центар-Скопје.
- Проекти за подобрување и зголемување на спортските успеси на спортистите-поединци и спортските клубови на домашен и меѓународен план – покрај спортски субјекти, спортски клубови, спортски здруженија, спортски институции регистрирани во Централен регистар со седиште во Општина Центар-Скопје, може да аплицираат и спортисти поединци (жители на општина Центар - Скопје
5. КОМИСИЈА ЗА ЕВАЛУАЦИЈА
Проектите ќе се евалуираат од страна на стручна Комисија формирана од Градоначалникот на Општина Центар – Скопје која ќе врши рангирање на пријавите и евалуација на проектите и програмските активности од областа во Спортот од интерес за Општина Центар. Комисијата е во состав од 3 члена од Советот на Општина Центар-Скопје и 2 члена-претставници од општинската администрација по објавениот Јавен повик.
6. КРИТЕРИУМИ ЗА ЕВАЛУАЦИЈА НА КВАЛИТЕТОТ НА ПРОЕКТОТ
Критериумите за избор на пријавените апликации за доделување на средства од Буџетот на Општина Центар се оригиналност на идејата, портфолиото на кандидатите и прифатливост на финансиската конструкција за реализација на Проектот.
Проектот треба да содржи најмалку три од наведените услови за конкурирање
- да има стручни кадри кои ќе бидат вклучени во проектот,
- да има добро формулирани цели и ефекти од имплементацијата на проектот,
- да содржи план за вклученост на заедницата во реализација на проектот,
- да работи на стимулирање и афирмирање на младите потенцијални спортисти-поединци во Општината.
7. ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Апликантите-правните субјекти и физичките лица кои учествуваат на Јавниот повик, за исполнување на критериумите се должни да ја достават следнава документација:
– Документација за регистрација на субјектот (тековна состојба, оригинален примерок) не постара од шест месеци, издадена од Централен регистар на Република Северна Македонија;
– Извештај од спортските здруженија, други правни лица и поединци од областа на спортот за потрошени средства ако од Општина Центар-Скопје добиле средства за реализација на спортски проект или за учество и напредување во одреден спорт за претходната година;
-Завршна сметка од спортските здруженија за 2025 година (доколку сеуште не е подготвена, завршна сметка за 2024 година) .
– Потврда за активна трансакциска сметка;
– Финансиски план за потребните средства за реализација на проектот со кој се аплицира;
– Пријава за аплицирање што е поставена на веб-страницата на Општината (www.opstinacentar.gov.mk)
– Копии од прилози, фотографии, награди и др.
Напомена:
Пријавите со нецелосна документација, пријавите пополнети на несоодветен образец или пријавите што ќе бидат доставени по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат.
8. НАЧИН И РОК НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ
Рок за поднесување на пријавите е 10 (десет) дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар-Скопје.
Пријавата со целокупната документација може да се достави преку пошта на адреса:
Општина Центар-Скопје
ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје
или во
Архивата на Општина Центар-Скопје (барака 6) од 9.00 до 15.00 часот со назнака:
ЈАВЕН ПОВИК за финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот.
Материјалите доставени со пријавите на Јавниот повик не се враќаат. Проектите или активностите поддржани со овој Јавен повик ќе бидат составен дел од Годишната програма за спорт и рекреација на Општина Центар – Скопје за 2026 година. Износот на финансиската поддршка на избраниот проект или активност ќе биде одреден согласно големината и квалитетот, а во рамките на предвидените средства во Програмата за спорт и рекреација и Буџетот на Општината. Сите учесници ќе бидат известени за резултатите од поднесените пријави по јавниот повик. Градоначалникот на Општина Центар–Скопје донесува решение за избор на субјектите на Предлог на Комисијата за што ќе се склучи Договор за финансирање.
ОПШТИНА ЦЕНТАР-Скопје
ГРАДОНАЧАЛНИК
м-р Горан Герасимовски