Герасимовски: Мобилни екипи на терен и утрово, Центар не застанува по силното невреме
Мобилните екипи на Општина Центар и утрово се на терен и интензивно работат на расчистување на последиците и нормализирање на состојбата по силното невреме. Службите работеа до доцна во ноќта, а веднаш по невремето повторно излегоа рано наутро, со цел што побрзо да се воспостави ред и безбедност на секоја улица.
„Работиме интензивно и сите сме максимално ангажирани за да се справиме со последиците од ова страшно невреме. Нема да застанеме додека секоја улица не биде безбедна и проодна,“ порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Приоритет се јавните површини, општинските сервисни улици и отстранувањето на откорнатите дрва и оштетените покривни конструкции.
Граѓаните можат да пријавуваат штети на телефонските броеви 075 219 068 и 076 350 767. Општина Центар апелира до жителите да бидат ажурни во дојавите, за да може интервенцијата да биде навремена, ефикасна и целосна.
Веднаш по невремето беше активиран и кризниот штаб на општината, кој ја координира целата акција на терен. Во расчистувањето се вклучија и граѓани кои самоиницијативно помогнаа, за што Општина Центар упатува искрена благодарност.