Герасимовски: Јавните чешмички во Општина Центар се во функција, се санира чешмата на „Орце Николов“

Активности
1
17.07.2026

Герасимовски: Јавните чешмички во Општина Центар се во функција, се санира чешмата на „Орце Николов“


Општина Центар континуирано работи на одржување на јавните површини, зеленилото и инфраструктурата за вода, со посебен фокус на летниот период. Од вкупно 11 јавни чешмички кои се под надлежност на општината, девет се целосно функционални, додека на преостанатите две се санираат дефекти.

Во рамки на овие активности, се поставува нова чешмичка на улицата „Орце Николов“, која претходно не беше во функција поради дефект и беше исклучена поради поплавување на околниот простор.

„Нашата цел е водата за пиење да биде достапна за граѓаните во овој жежок период, зеленилото редовно да се полева и да се одржува, и да се обезбеди уредна хигиена. Старите чешмички делумно ги заменивме со нови, иноксни, а имавме и неколку состаноци со ЈП Водовод и канализација. Поставени се и водомери на истите како што беше побарано од од општината, со цел да обезбедиме нивно непречено функционирање“, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Во изминатиот период општината замени седум стари чешмички со нови иноксни, со модерен дизајн. 

Истовремено, редовно се одржуваат и  системите за автоматско наводнување, а дефекти кои се појавуваат на дневна основа редовно се санираат од страна на надлежните служби.

За одржување и санирање на оваа инфраструктура, од предвидениот буџет во висина од три милиони денари, досега се исплатени 998.752 денари.

Галерија
Submitted by miai on 17.07.2026 - 12:45