Герасимовски: Упис на првачиња, активности во градинките и центарските настани, се на едно место на ГИС порталот на Општина Центар
Општина Центар, преку ГИС порталот достапен на веб-страницата на општината, нуди широк спектар на дигитални услуги и информации за граѓаните.
Една од најактуелните достапни услуги во моментов е електронското запишување на првачиња во училиштата на територијата на општината.
Родителите можат да го изберат реонското училиште, да ги внесат податоците за детето и директно од дома да ја поднесат пријавата, благодарение на поврзаноста на училиштата со ГИС системот на Општина Центар.
ГИС системот овозможува и следење на активностите во градинките. По регистрација, родителите имаат увид во тековните активности на своите деца, добиваат известувања за тековни и претстојни активности, како и увид во месечното мени на градинката.
Дополнително, регистрираните корисници добиваат редовни известувања преку е-пошта за културни и образовни настани, манифестации и фестивали од агендата на Центар, како и информации за инфраструктурни зафати, реконструкции на улици, детски игралишта и др., промени во сообраќајниот режим и акции поврзани со јавната хигиена.
„Како општина сме далеку пред другите во процесот на дигитализација. ГИС е пример за современо функционирање на локалната самоуправа, услугите се достапни електронски, без чекање и непотребни процедури на шалтер и губење на скапоценото време. Особено сме задоволни од тоа како функционира ГИС-от во делот на градинките, каде родителите со еден клик можат да ги следат сите активности на своите најмили“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Преку ГИС порталот, граѓаните можат да извадат извод од ДУП и да добијат подетален преглед на деталните урбанистички планови, со информации за намена на парцели, дозволена катност, површина за градење и процент на изграденост.
На платформата е достапен и зелениот катастар на општината, кој секојдневно се ажурира и надополнува.
Општина Центар е првата општина во државата која воведе ваков ГИС систем и континуирано работи на негово унапредување, со цел поголема транспарентност, побрз пристап до информации и поефикасно работење на општинските служби.