Вчера, заедно со граѓаните, го одржавме вториот буџетски форум во ООУ „Димитар Миладинов“.
Како и секогаш, центарци покажаа колку им е важно да учествуваат во планирањето на општинските приоритети и да го креираме буџетот за 2026 година транспарентно и отчетно, со директно учество на заедницата.
Граѓаните предложија бројни идеи – повеќе зеленило и уредување на просторот кај Зелен пазар, санација на подземните гаражи, подобро одржување на јавните површини и урбана опрема.
Во образованието се истакна потребата од реконструкција на училишни дворови, санација на покриви и подобра пристапност во училиштата.
Во културата, пак, се бараат интерактивни проекти, мобилни галерии и содржини што ќе го разубават јавниот простор.
Ги информиравме присутните и за субвенциите за реконструкција на фасади – поддршка од 30% со можност станбените заедници да аплицираат до 1.000.000 денари.
Жителите околу Зелен пазар го поставија и прашањето за дивите пазарџии. Потврдив дека ќе има засилена инспекција и координирана акција со МВР и ДПИ за трајно решавање на овој проблем.
Продолжуваме заедно, отворено и одговорно, да го градиме буџетот што ги одразува вистинските потреби на центарци.