Герасимовски: Отстранети бесправно поставените објекти на влезот во Старата скопска чаршија

News
1
04/14/2026 - 08:56

Герасимовски: Отстранети бесправно поставените објекти на влезот во Старата скопска чаршија

Во текот на ноќта се отстранети нелегално поставените објекти на влезот во Старата скопска чаршија, каде што се продаваа бижутерија и сувенири.

Акцијата беше реализирана по наредба на овластен градежен инспектор од Секторот за инспекциски работи при Општина Центар, врз основа на претходно извршен вонреден инспекциски надзор. Со решението беше наложено нивно отстранување, по што лицата постапија согласно истото и во доцните вечерни часови самостојно ги демонтираа тезгите.

Со ова се расчисти просторот на еден од најфреквентните влезови во чаршијата, кој подолг период беше исполнет со импровизирани штандови што го нарушуваа изгледот на просторот и го отежнуваа движењето на пешаците. 

„Редот мора да важи за сите. Нема да дозволиме јавниот простор да се узурпира и да се нарушува изгледот на едно од најзначајните културно-историски подрачја во Скопје. Ќе продолжиме со контроли и ќе постапуваме секаде каде што има бесправно поставени објекти, во интерес на граѓаните и посетителите“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Акцијата се реализираше со поддршка на Град Скопје и јавните претпријатија.

Општина Центар ќе продолжи со засилени инспекциски контроли со цел зачувување на јавниот ред, урбаниот изглед и безбедното движење на граѓаните.

Submitted by miai on Wed, 04/15/2026 - 08:59