Герасимовски: И оваа година бесплатни униформи за сите ученици од прво до деветто одделение

News
1
08/17/2026 - 10:13

Герасимовски: И оваа година бесплатни униформи за сите ученици од прво до деветто одделение

Општина Центар и оваа учебна година продолжува со мерката за обезбедување бесплатни училишни униформи за сите ученици од прво до деветто одделение во осумте општински основни училишта.

Мерката, која Општината ја воведе минатата година, продолжува и во учебната 2026/2027 година, со цел да се намалат социјалните разлики меѓу учениците и да се создаде училишна средина во која секое дете ќе се чувствува еднакво и прифатено.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека обезбедувањето бесплатни униформи е дел од заложбите на Општината за еднакви услови за сите деца.

„Училиштето треба да биде место каде што децата ќе се разликуваат по знаењето, трудот и успехот, а не по тоа кој што носи и колку неговите родители можат да си дозволат. Токму затоа минатата година ја воведовме оваа мерка, а продолжуваме и оваа година. Со бесплатните униформи сакаме да ги намалиме социјалните разлики, да спречиме тие да бидат причина за поделби или булинг и кај децата да го зајакнеме чувството дека сите подеднакво припаѓаат на своето училиште“, порача Герасимовски.

Секој ученик ќе добие комплет од пет памучни парчиња – две маици со јака, две маици со долги ракави со јака и еден дуксер со патент.

Општина Центар ќе продолжи со оваа мерка и во наредните учебни години, при што бесплатни униформи ќе се обезбедуваат и за новите генерации ученици.

Покрај бесплатните униформи, Општина Центар и оваа година ќе обезбеди бесплатни ранци за сите првачиња запишани во осумте општински основни училишта, како дополнителна поддршка за семејствата и убав почеток на нивното прво училишно поглавје.

Со овие мерки, Општина Центар продолжува да инвестира во образование во кое секое дете има еднаква можност, еднаков третман и услови непречено да се посвети на учењето и својот развој.

Галерија
Submitted by miai on Mon, 08/17/2026 - 09:19