Герасимовски: Не е време за политикантство туку за итни мерки и работа на терен. Обезбедуваме финансиска поддршка за штетите од невремето
По иницијатива на градоначалникот Горан Герасимовски, на денешната седница на Советот на Општина Центар е предложена дополнителна точка со која ќе се утврдат начинот и условите за доделување еднократна парична помош за граѓаните и правните лица чии објекти беа оштетени во силното невреме што го зафати градот на 21 јули.
„Уште од првиот ден сме на терен со сите наши служби за да им помогнеме на граѓаните. Паралелно со расчистувањето на последиците, работевме и на системско решение за финансиска поддршка на најпогодените. Како и секогаш кога граѓаните се соочуваат со предизвици, и овојпат Општина Центар стои покрај нив. Во моменти кога е најтешко, нашата обврска е не само да реагираме, туку и да обезбедиме конкретна поддршка за побрзо да се надминат последиците. Никој нема да остане сам во справувањето со штетите од ова невреме. Нашата цел е постапката да биде фер, транспарентна и средствата да стигнат до оние на кои навистина им се најпотребни“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Во однос на иницијативата на советниците од ВМРО-ДПМНЕ за обештетување на граѓаните, тој посочи дека Општина Центар веќе има воспоставена пракса за вакви ситуации и дека институцијата делува навремено и проактивно, на терен и меѓу граѓаните, а не од полотичка говорница.
„Општината е секогаш три чекори пред партиите, бидејќи наш врвен интерес се граѓаните и нивната безбедност. Освен што имаме подготвен правилник, веќе сме на терен, ги санираме штетите и работиме на расчистување. Добро е и советниците да се вклучат и да ги засукаат ракавите. И јас ставам ракавици и работам со службите, нема потреба да ја политизираме оваа ситуација“, порача Герасимовски.
Со оваа мерка, Општина Центар обезбедува директна финансисла поддршка за побрзо санирање на последиците од невремето и помош за граѓаните во надминување на материјалните штети.