Герасимовски: Нова пјацета на улица „Коле Неделковски“,  Дебар Маало добива три урбани катчиња за дружење и одмор

News
1
07/03/2026 - 10:33

Герасимовски: Нова пјацета на улица „Коле Неделковски“,  Дебар Маало добива три урбани катчиња за дружење и одмор


Општина Центар започна  градежни активности за уредување нова мини пјацета на улица „Коле Неделковски“ во Дебар Маало, како дел од проектот за создавање  јавни простори за одмор, дружење и рекреација на жителите.

Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека во населбата се предвидени три слични мали плоштади,  а веќе се гради на две локации. 

Покрај улица „Коле Неделковски“, се уредува мини пјацета на улица „8 Март“, а се планира слично катче и на улица „Коста Веселинов“.

„Со уредувањето на овие јавни простори го враќаме препознатливиот дух на Дебар Маало. Создаваме современи и функционални места каде што соседите ќе можат да се среќаваат, да одморат и да поминуваат квалитетно време. Вложуваме во повеќе зеленило, урбана опрема и подобри услови за живот во секое маало“, вели Герасимовски.

Мини пјацетата на улица „Коле Неделковски“ , на површина од околку 100 квадратни метри, ќе биде поплочена со гранитни плочи во различни тонови со што ќе се добие визулена динамика на просторот, а ќе биде поставена и нова урбана опрема , клупа со метално-дрвена конструкција, корпи за отпадоци и држачи за велосипеди.

Проектот предвидува и хортикултурно уредување со ново зеленило, како и поставување современо осветлување што ќе придонесе за поголема безбедност и пријатен амбиент во вечерните часови.

Со реализацијата на овие три мини пјацети, Општина Центар продолжува со уредување на населбите, создавајќи функционални простори кои поттикнуваат дружење и поквалитетен урбан живот.

Галерија
Submitted by miai on Fri, 07/03/2026 - 09:50